На погодна прослава во историската фабрика Џамбатиста Вико во Помиљиано д’Aрко, беа предадени клучевите од првите примероци од Alfa Romeo Tonale. Целта на настанот е да се укаже на новата специјална програма што е наменета за клиентите што први ќе нарачаат нов модел на Alfa. Меѓу посебните погодности за нив спаѓа и 24/7 поддршка.
Пред масовната испорака на првиот контингент од Alfa Romeo Tonale до продажните салони на марката, првите три примероци од ексклузивната Tonale Edizione Speciale им беа предадени на сопствениците во рамките на посебна прослава. Тие први ќе учествуваат во програмата, во којашто ќе можат да ги пренесат сите свои забелешки и оцени во поглед на возилото. Притоа ќе им стои на располагање и наменски 24/7 центар за повик. На тој начин, италијанската премиум марка сака да нагласи колку ѝ се важни клиентите и нивното задоволство од моделите.
Испораката беше извршена во домот на Tonale, во реновираната фабрика Џамбатиста Вико во Помиљиано д‘Арко. Тоа е една од технолошки најнапредните фабрики во браншата, со висок степен на автоматизација и почитување врвни стандарди за квалитет.
Франческо Калкара, виш заменик претседател за глобален маркетинг и комуникација за Alfa Romeo: „Имаме опсесија за квалитетот и тоа нé водеше низ проектот Tonale. Првенствено сме посветени на квалитетот на производите, но тоа не е сé. Квалитетот е нешто што клиентите го чувствуваат, почнувајќи од почетокот на процесот на нарачка, па сé до последниот ден поседување на автомобилот. Уверени сме во квалитетот на Tonale, којшто е постигнат со напорна работа на тимот, добавувачите и фабриката Помиљиано д’Арко.“
Ексклузивната воведна серија Tonale Edizione Speciale е достапна со благ хибриден погон со 1,5-литарски мотор со 130 КС. Моторот е комбиниран со 7-степен менувач со двојна спојка и со 48-волтен електромотор со крајна моќност од 15 kW и 55 Nm. Тоа е всушност стартер-генератор, но посебноста тука лежи во тоа што „електромоторот“ може и самостојно да го движи возилото, иако на кусо растојание, но сосем делотворно за потрошувачката да се смали.
Alfa Romeo прва примени технологија NFT (Non-Fungible-Token) во Tonale, што е премиера за целата бранша
Главен надворешен печат даваат тркалата од 20 инчи, црвените сопирачки клешти Brembo, целосно диодните матрични диодни светла и предните затемнети стакла. Внатре пречекува средишен дисплеј од 10,25 инчи, со целосна онлајн-поддршка на уреди и услуги, како и безжично полнење телефон.
Опремата е комплетирана со алуминиумски рачки за менувачот на волан, со пристап без клуч, самостојно отворање на багажникот, спортски кожен волан, но и со радарски темпомат и камера за знаци.
Аутомобиле СК веќе ги објави цените и деталите за Alfa Romeo Tonale во специјалната серија Tonale Edizione Speciale за македонскиот пазар.