Јувентус остана непоразен на гостувањето во Бергамо кај Аталанта и тоа благодарение на погодокот кој дефанзивецот Данило го постигна во 92 минута.
Со овој резултат „бјанконерите“ го задржаа четвртото место пред четата на Гасперини, но според тренерот Масимилијано Алегри со ова реми завршил нивниот сон за освојување на Скудетото.
– Ќе беше штета да загубевме, бидејќи игравме навистина добро. Ама направивме многу грешки во нападот. Потоа беа оние три минути „терор“ во одбраната, кога лесно загубивме две топки, па Де Лихт не спаси со својата пожртвуваност. Бевме многу добри во второто полувреме, дури и во првото полувреме, а технички мечот беше доста задоволителен. Јас дури и се забавував на клупата, барем додека не почнавме да губиме. Тимот веруваше до крајот, а Данило постигна прекрасен гол. Нам ни беше важно да продолжиме со позитивните резултати, па овој бод освоен против директен конкурент може да се нарече важен, – рече Макс кој имаше порака за Душан Влаховиќ да биде посмирен на теренот.
– Мора да научи дека не смее да си дозволи да се нервира кога на теренот нема да се остварат одредени работи што ги замислувал. Сепак има 22 години, млад е, – порача стратегот за кого Интер е прв фаворит за пехарот.
– Кој ќе го освои првенството? Интер. Тие го имаат најсилниот тим со сета почит кон Милан и Наполи. Тие се подобри од нас во моментов, најмногу благодарение на тоа што загубивме многу бодови на отворањето на сезоната, – истакна Алегри.