Home » Акумулирајќи се во телото, микропластиката е виновник за голем број аномалии

Акумулирајќи се во телото, микропластиката е виновник за голем број аномалии

by Журнал.мк

Лоциран нов голем непријател по здравјето на луѓето
Микропластика неодамна е откриена и во човечката крв и во мајчиното млеко, што покажува до кој степен микропластиката ги контаминирала човечките тела. Какви последици ќе има тоа врз здравјето сѐ уште не е познато, но се покажа дека микропластичните честички предизвикуваат оштетување на човечките клетки во лабораторија. Микропластиката може да се акумулира во некое ткиво и да предизвика воспаление, слично како микрочестичките од загадениот воздух, или оштетување.
Огромните количества пластичен отпад што секојдневно се фрлаат во животната средина ја загадија целата планета – од врвот на Монт Еверест до најдлабоките делови на океанот. Познато е дека луѓето консумираат ситни честички од пластика преку храна или вода и ги вдишуваат со воздухот, а микропластика е пронајдена во изметот на малите деца и возрасните.

Експертите: Тоа воопшто не е добро!

Професорот Метју Кампен од универзитетот „Њу Мексико“ во САД, кој го водел истражувањето, вели дека ако го видиме влијанието на микропластиката на плацентата, тоа укажува дека апсолутно целиот живот на сите цицачи на планетата би можел да биде на удар. Тоа воопшто не е добро.
Зголемената концентрација на микропластика во човечките ткива, според него, може да го објасни невообичаеното зголемување на случаите на одредени здравствени проблеми, вклучувајќи и воспалителна болест на цревата (IBD), рак на дебелото црево кај луѓе под 50 години и намалување на бројот на сперматозоиди кај мажите.
Студијата од 2021 година откри дека луѓето со воспаление на цревата имаат до 50 проценти повеќе микропластични честички во нивната столица.
Кампен вели дека е длабоко загрижен за зголеменото производство на пластика во светот бидејќи тоа значи дека „проблемот со микропластиката во животната средина само ќе се зголеми“.
Во текот на истражувањето објавено во списанието „Технолоџикал сајенс“, микропластични честички беа пронајдени во сите тестирани примероци на плацентата, а концентрациите се движеа од 6,5 до 790 микрограми на грам ткиво.

По полиетиленот, најчеста пронајдена пластика се ПВЦ и најлон

Истражувачите анализирале вкупно 62 примероци од плацентата и откриле дека најчестиот вид пластика е полиетилен, кој се користи за производство на пластични ќеси и шишиња. Друга студија открила микропластика во сите 17 тестирани примероци на ткиво на артериите, а научниците сугерираат дека овие пластични честички се поврзани со затнувањето на крвните садови.
Микропластичните честички беа анализирани со помош на специјални хемикалии и постапка на центрифуга што ги одвои од ткивото, а потоа ги загреваше со цел да се анализираат хемиските потписи карактеристични за секој поединечен тип на пластика.
Научниците од медицинскиот факултет „Капитал“ во Пекинг, Кина, ја користеле истата техника и откриле микропластика во примероци од човечки артерии.
Микропластиката првпат е откриена во човечката плацента во 2020 година од примероците на четири здрави жени од Италија што имале нормална бременост и породување.
– Микропластиката содржи супстанции што го нарушуваат нормалното функционирање на жлездите, што може да предизвика долгорочни ефекти врз здравјето на луѓето – велат научниците.
Според Кампен, концентрацијата на микропластика во плацентата предизвикува особена загриженост. Имено, ткивото на плацентата расте само осум месеци, бидејќи почнува да се формира околу еден месец по почетокот на бременоста.
– Другите органи на нашето тело собираат пластика во многу подолги временски периоди. Тоа значи дека микропластиката многу брзо се акумулира во нашето тело – нагласи професорот.

Кое е штетното дејство на микропластиката врз живиот свет и човекот
Најголемата закана на микропластиката е тоа што навлегува во храната, па преку хигиенските производи и отпадот завршува во слатководните екосистеми, а потоа во морињата и океаните, каде што се акумулира ослободувајќи отровни материи.
– Токму поради штетноста на составот, микропластиката е исклучително опасна по здравјето на секој жив организам, бидејќи испушта тешки метали и други штетни материи. Имајќи предвид дека микропластиката може да се најде насекаде, во вода, облека, средства за хигиена, јасно е дека бара итен одговор од секој поединец за да се намали употребата на пластични производи – вели Адла Кахриќ, коосновач и потпретседател на Центарот за морска и слатководна биологија.
Микропластика е пронајдена кај многу водни организми, како што се рибите, школките, раковите, морските желки, делфините, китовите и ајкулите, особено рибите, школките и раковите, кои стигнуваат до луѓето преку синџирот на исхрана. Истражувањата покажуваат дека микропластиката влијае на однесувањето и здравствената состојба на различни организми.
Микропластиката дејствува така што ги нарушува растот и репродуктивниот циклус на многу водни организми.
Потенцијално, микропластиката и микрочестичките можат да променат неколку клеточни регулаторни патишта во плацентата, како што се имунолошките механизми за време на бременоста, сигнализацијата на факторот на раст за време и по имплантација на јајце-клетката, функциите на атипични рецептори на хемокиназа што ја регулираат комуникацијата мајка-фетус, сигнализацијата помеѓу ембрионот и матката.
Ефектите од негативните исходи на бременоста вклучуваат прееклампсија и застој во развојот на фетусот (според „Плацентарното потекло на негативните исходи од бременоста: потенцијални молекуларни цели“, резиме на извршна работилница на националниот институт за детско здравје и човечки развој „Јунис Кенеди Шрајвер“).
Многу истражувачи сè уште го проучуваат влијанието на микропластиката врз физиолошките процеси. Утврдувањето на ризиците и вистинското влијание на микропластиката не се лесен процес. Различни видови пластика имаат различен состав, некои се доста инертни, а други можат да имаат влијание врз здравјето и функцијата на хормоните.

Што можеме да направиме за да ги намалиме присуството на микропластиката и влијанието врз нашето здравје?

– да се купуваат помалку производи во пластична амбалажа,
– да проверува составот на козметичките производи и да не се купуваат оние што имаат пластичен состав,
– да се носи облека од природни материјали,
– помалку да се употребуваат предмети за еднократна употреба направени од пластика (сламки, чинии, капи, додатоци за сладолед, амбалажа),
– да се промени начинот на перење на облеката (тоа може да се направите рачно или може да се користи машината на пониска температура, со помал број ротации на центрифугата),
– да се користи што повеќе јавен превоз или да се оди пеш,
– да се јаде помалку морска храна,
– да се избегнуваат кесичките од кои се приготвува чај…

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More