„Да, очигледно е дека е возможно и дури и посакувано, затоа што многу работи веќе беа направени на реформски план овде во Северна Македонија, усогласеност со европското законодавство, што е многу важно, земјата е веќе многу напредната во тој процес и нашето убедување е дека, откако би успеале да ја надминеме таа блокада за која зборувавме, процесот ќе може брзо да напредува на задоволство на сите”, вели амбасадорот на Франција, Кристоф Ле Риголер, во интервју за „360 степени“.
За т.н. „француски предлог”, амбасадорот вели – нашиот став беше јасен, нема повторно да го отвораме компромисот од 2022 година, нема за него повторно да се преговара, тој треба да се почитува. Но, во сложени состојби, кои можат да бидат блокирани, секогаш постои простор за дипломатска активност, додава тој.
„Прашањето не е во тоа да се знае дали јас сум убеден или не. Мислам дека ова е тема за која имаме нијанси во интерпретирањето, дали тоа е доведување во прашање на усогласеноста на политиката на Северна Македонија, или не, со европската позиција. Ние на европско ниво разговаравме со македонските власти во рамки на вообичаениот дијалог кој е отворен, конструктивен и доверлив и темата е на друго место денес, затоа што станува збор за суштински принципиелна тема. Треба едноставно да се постави прашањето, а тоа е следното – како да се излезе од војната во Украина чиј почеток датира од руската агресија во 2014-та и втората агресија на Русија во 2022 година. Дали сме подготвени да прифатиме прекин на огнот кој ѝ е наметнат на украинската страна, без вистински гаранции за безбедност и со кој, можеби, утре би потхраниле друга војна. Јас четири години работев во Украина, по договорите од Минск од 2014 и 2015 година и забележав во која мера, тој прекин на огнот кој беше воспоставен и целиот циклус на преговори со договорот од Минск, ја подготвија војната од 2022 година. Затоа ние, Французите и Европејците, инсистираме на спроведувањето на вистинска рамка која ќе овозможи прекин на огнот со гаранции за глобалната безбедност и ќе ја зачуваат сувереноста на оваа европска држава, а тоа е Украина. И последна точка што сакам да ја истакнам како одговор на вашето прашање е следното – сметам дека во овој критичен и тежок период за нас Европејците, забележуваме дека големи прашања се во игра за нашиот континент, за европската безбедност и важно е да се потсетиме на поимот за европска солидарност која пред сè треба да почне да се изразува во рамките на Унијата.“