Под раководство на јавен обвинител од ОЈО ГОКК, БЈБ и МВР попладнево се извршуваат претреси на повеќе локации низ државава, а приведени се Ратко Капушевски, сопственик на РКМ ЕНЕРЏИ, и Асмир Јахоски сопственикот на Пуцко Петрол, јавува репортерот на ТВ21.
Претресите се со Наредба на судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје, а во врска со сторени кривични дела поврзани со набавка на сомнителни деривати.
Според информациите на ТВ21, се работи за огромна сума околу 10 милијарди денари испумпани преку фиктивни договори за позајмици и посреднички услуги за испорака на сомнителни горива.
ТВ21 направи и увид во приходите на фирмата РКМ ЕНЕРЏИ на Ратко Капушевски, која во 2023 година остварила приход од 2,2 милиони евра. За споредба пак, во 2021 година компанијата остварила приход од 17 илјади евра односно разликата е дури 2,1 милион евра.
Инаку, се работи за горива кои најчесто содржат високи нивоа на сулфур, тешки метали или други штетни соединенија што можат да доведат до сериозно загадување на воздухот и почвата.