Apple наскоро ќе го претстави AirTag 2, и тоа со значајни подобрувања во споредба со првата генерација.
Многумина би помислиле дека од Apple ова лето нема да има ништо ново сè до есенското лансирање на новата iPhone 17 серија, но според пишувањето на порталот 9to5Mac, еден мал, но значаен гаџет би можел да пристигне и порано – AirTag 2.
Иако освежувањето на минијатурниот локатор можеби не звучи како највозбудлива вест во годината, се чини дека AirTag 2 ќе донесе низа релативно важни надградби. Се шпекулира за интеграција на понов Ultra Wideband (UWB) чип, сличен на оној во поновите iPhone-и и Apple Watch уреди, што би овозможило уште попрецизно лоцирање, особено во затворени простории. Се споменуваат и можни подобрувања на звучникот за полесно пронаоѓање изгубени предмети, како и унапредени безбедносни функции против следење (што и да значи тоа).
Новата верзија на овој мал гаџет можеби не изгледа како пресудна надградба за постојните корисници, но сепак, сите најавени подобрувања на AirTag 2 ќе бидат добредојдени, особено за оние кои сè уште немаат свој AirTag или размислуваат да станат дел од Apple екосистемот за следење предмети.
Според неофицијални информации, претставувањето на AirTag 2 се очекува во мај или јуни.