Home » Аеродром и Сарај останаа без градоначалници, ама Владата не остана без премиер – Уставот ги раздвојува функциите, Собранието ги спојува

Аеродром и Сарај останаа без градоначалници, ама Владата не остана без премиер – Уставот ги раздвојува функциите, Собранието ги спојува

by Журнал.мк

Според досегашната пракса има селективност во примената на Уставот и законите, односно на градоначалниците кои биле избрани за пратеници секогаш им престанува градоначалниката функција и се распишуваат предвремени локални избори, а премиерите и министрите кои се избрани за пратеници остануваат и во извршната власт до изборот на нова влада.

Функцијата пратеник е неспојлива со друга функција и ако пратеникот Талат Џафери продолжи да претседава со техничката влада, а пратениците кои беа министри продолжат да ја вршат и министерската функција покрај пратеничката, со тоа ќе го прекршат Уставот и повеќе закони, категорични се експертите во врска со праксата што кај нас се спроведува со години наназад, а според која градоначалниците кои се избрани за пратеници во Собранието автоматски ја губат градоначалничката функција, а министрите кои станале пратеници продолжуваат да министеруваат. По денешната верификација на мандатите на пратениците во новиот собраниски состав општините Аеродром и Сарај останаа без градоначалници, затоа што Тимчо Муцунски од ВМРО-ДПМНЕ и Блерим Беџети од ДУИ ги прифатија пратеничките мандати. За разлика од нив, градоначалникот на Тетово Биљал Касами од „Вреди“ не го прифати пратеничкиот мандат и остана во локалната самоуправа. Во Аеродром и во Сарај треба да се распишат предвремени избори за градоначалник, затоа што до редовните локални избори има повеќе од шест месеци.

За разлика од градоначалниците, техничкиот премиер Џафери и повеќе министри од техничката влада кои беа избрани за пратеници, како Фатмир Битиќи, Илир Демири, Љупчо Николовски, Славјанка Петровска и Бисера Стојчевска Костадиновска ќе останат и на министерските функции и нив нема да ги заменат некој од вицепремиерите и замениците-министри.

Претседавачката на конститутивната седница Мерита Колчи Коџаџику по верификацијата на пратеничките мандати рече дека на пратениците кои се носители на функции им престанува функцијата, но, дел од нив ќе продолжат да ја вршат.

– Согласно член 8 од Изборниот законик на претседателот на Владата и на одделни членови на Владата со верификацијата на мандатот за пратеници им престануваат функциите во Владата заради неспојливост на функциите. Заради обезбедување на континуитетот во работата на Владата, Владата ќе ги врши само неопходните функции до изборот на нова – рече Коџаџику.

Таа всушност ги повтори зборовите со кои после секоја верификација на мандатите на новиот пратенички состав Собранието ѝ дозволува на Владата да продолжи да работи со истите функционери, без разлика што дел од нив во меѓувреме станале пратеници. Досега не се случувало актуелниот премиер, кој секогаш како носител на листа бил избиран за пратеник, да определи заменик до изборот на идната влада. Во 2020 година изборите се одржаа на 15 јули, а техничкиот премиер Оливер Спасовски продолжи да ја врши премиерската функција иако стана и пратеник, па на 31 август имаше примопредавање во премиерскиот кабинет помеѓу Спасовски и Зоран Заев. Ист беше случајот и со претходниот мандат, кога по изборите на 11 декември 2016 година техничкиот премиер Емил Димитриев беше избран за пратеник, но новата влада на чело со Заев се формираше дури во јули 2017 година, па Димитриев цели седум месеци беше и технички премиер и пратеник.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More