Home » ADAC тестира – каков е ефектот на клима-уредот врз автономијата на електричните возила?

ADAC тестира – каков е ефектот на клима-уредот врз автономијата на електричните возила?

by Lina Muslija

Со цел да одговори на една од бесконечните дебати околу електричните возила, ADAC одлучи да го истражи ефектот кој клима-уредот го има врз автономијата на електричните возила.

 

Сигурно сте ја слушнале (па дури можеби и сте учествувале во) дискусијата за електричните возила и клима-уредите. „Ама што ако заглавиш во гужва, климата ќе ти ја потроши батеријата, и после?“ е обично едната страна.

И токму за еднаш-засекогаш да ја решат оваа дебата, инженери од германскиот ADAC во контролирани услови го тестираа ефектот кој клима-уредеот го има врз досегот на електричните возила. Во контролирана околина, ADAC симулираше 8-часовна сообраќајна гужва во навистина тешки услови, а за тестирањето искористиле Tesla Model Y, еден од најпродаваните електрични автомобили во светот.

Атмосферската температура (односно температурата надвор од автомобилот) била поставена на 35ºC, додека во кабината клима-уредот бил нагоден да одржува прилично студени, но сепак комфорни 20ºC. Секако, биле поставени и сензори за внимателно да бидат следени температурите на воздухот, за ладењето да биде конзистентно за време на целото тестирање.

И какви се резултатите? Па, ќе бидете изненадени. Односно, хејтерите ќе бидат навистина изненадени. Тестот покажал дека за одржување на температурата биле потребни меѓу 1.3 и 1.5 kW, односно потрошувачка од меѓу 1.3 и 1.5 kWh. Со оглед на батеријата на Tesla Model Y, тоа значи потрошувачка од околу 2% од вкупниот капацитет на батеријата на час. Дури и по 8 часа тестирање, автономијата била намалена за само 64 километри, односно се потрошиле вкупно 12 kWh – 16% од батеријата.

Како се споредува тоа со конвенционалните автомобили? Па во автомобил со мотор со внатрешно согорување, клима-уредот обично е придвижуван од моторот, а не од батеријата како кај електричен автомобил. Во истото сценарио, автомобил со МВС би потрошил околу 1 до 1.5 литри гориво на час. Според ADAC, тоа е еквивалентно на 10 до 15 kWh на час.

Всушност, со ова, ADAC покажува и докажува дека ефектот на клима-уредот врз вкупната автономија на електричните возила е незначителен. Често отворање на вратите, пониска температура во кабината или повеќе патници во кабината секако можат негативно да влијаат, но истовремено пониски амбиентални температури или повисока посакувана температура во кабината ќе резултираат со уште помала потрошувачка на струја.

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk