Home » Ацески: Последната трагедија во Кочани ја прели чашата

Ацески: Последната трагедија во Кочани ја прели чашата

by Журнал.мк

„Земјата е во длабока тага – ова е една сериозна опомена. Со вакви несреќи, ќе избегаат и оние млади луѓе коишто останаа во земјата, бидејќи не им се нуди никаква иднина и никаква заштита“, вели социологот Илија Ацески.

Ако статистички Северна Македонија е старица на 74 години, тогаш од социолошки аспект е жена којашто живее во константен страв и неизвесност, се плаши за секој нов ден, оптоварена е со црни мисли и не може да се ослободи од чувството дека ќе ѝ се случи нешто лошо. Ваков е социолошкиот профил на македонскиот граѓанин кој изминативе години се соочи со многу несреќи и трагедии, коишто доведоа до голема болка и тага. Социологот Илија Ацески за ДВ вели дека последната трагедија во Кочани, во која животот го загубија 59 млади лица, ја прелеа чашата.

„Таа е врв на сите несреќи коишто му се случиле на овој народ“, вели тој.

Снимките на дванаесетгодишни деца коишто плачат и порачуваат дека им е преку глава од корупција којашто им ги одзела животите на нивните пријатели и роднини, младите луѓе коишто по трагедијата порачуваат дека „Кочани е мртов град“, „град клекнат на колена, во кој светлината повеќе ја нема“ е само потврда за менталната траума со којашто се соочува земјата.

„Земјата е во длабока тага – ова е една сериозна опомена за сите. Имавме и претходно случаи коишто нѐ предупредуваа дека ’нешто се случува во оваа држава’, кога во неколку несреќи загинаа десетици луѓе, но ова сега е многу голема трагегија. Се случува на едно место со толку голем број на млади загубени животи од 14 до 25 години, нешто што не се памети во државата“, вели нашиот соговорник.

Според Ацески, граѓаните долго време живеат во една ментална траума. „Се соочуваме со проблеми од 90-тите години па до денес. Практично оваа генерација меѓу 18 и 25 години се формира во транзиција на некој начин. Тие се жртви на ’институционални’ и ред други недоследности во земјата“, вели Ацески.

Со вакви несреќи, вели тој, ќе избегаат и оние млади луѓе коишто останаа во земјата, бидејќи не им се нуди никаква иднина и никаква заштита.

Она што го мачи социологот веќе подолго време е дали оваа преголема тага може да создаде некаква, условно кажано, „критична маса“ која што ќе повлече промени и ќе може да го понесе товарот за да се преобликува и реформира земјата, да започне некој процес на едно здраво општество со функционални институции, нешто што е најелементарно за функционирањето на државата.

Дел од таа „критична маса“, вели Ацески, ја искористиле првата шанса за да заминат од партизираната и корумпирана држава. „Практично голем дел од оние меѓу 25 и 45 години кои се најспособни да создаваат и творат, ги нема во Македонија. Тие што почувствувале дека можат да се снајдат надвор, бесперспективноста ги има избркано од земјата“, додава тој.

Социологот смета дека треба да се врати довербата во здравството, судството, образованието и воопшто во државата.

„Дали е можно тоа – ова е најтешкото прашање сега, со оглед на фактот дека долго време се формира еден систем и институции коишто во основа се нефункционални, максимално партизирани и корумпирани во сите сфери“, вели пензионираниот професор.

Младите, вели тој, сега се соочуваат со реалноста дека „профитот владее“, дека не можат да веруваат во ничии „искрени намери“. Психичката и менталната енергија во државата е целосно уништена, констатира Ацески.

По првичниот шок од трагедијата којашто ја зави во црно целата земја, надлежните најавија зајакнати контроли, законски измени и целосно „ресетирање“ на системот. „Македонија мора да го победи корумпираниот систем – ако не го победиме, тој ќе нѐ победи нас“, порача премиерот Христијан Мицкоски по големата трагедија во дискотека во Кочани, каде во пожар загинаа 59 лица, а над 190 беа повредени.

Тој потсети на сите големи несреќи во Македонија во изминатите три децении, а последната ја опиша како „кулминација на еден лош и забревтан систем”. „Или ќе го победиме, или тој ќе нѐ победи нас“, рече премиерот за системот „кој се храни од лагата и во кој погрешни луѓе носеле погрешни одлуки”.

Дел од партиите, додека не е повторно предоцна, побараа зголемување на степенот на безбедност во повеќе места. Од ЛДП велат дека е потребна строга и итна контрола во детските градинки, основни и средни училишта, но и факултети за тоа дали и тие ги почитуваат стандардите за безбедност, како и во колективните станбени и во сите останати објекти, каде вообичаено има голема концентрација и фреквенција на луѓе.

Според социологот Ацески, излезот од сегашната ситуација не треба да се бара во радикални реформи во земјата. „Дури ако тргнеме сега да правиме една радикална реформа на ниво на држава, како целина – нема никаде да стигнеме. Јас сум за тоа да се почне од некои сфери и подрачја, на пример од образованието, животната средина, урбанизмот. Да се почне од некаде и од нешто коешто ќе значи еден радикален, револуционерен чекор за промена на детектираните слабости во земјата“, вели Ацески.

Но, според нашиот соговорник, тоа треба да биде направено на еден едноставен начин, да не ги бранува „оние коишто ќе се противат на тие промени“, туку ќе го прифатат тоа како нормално.

Во образованието на пример, особено високото образование коешто е толку урнисано, посочува социологот, не само што се урнисуваат и упропастуваат генерации – тие не се „убиваат“ физички туку ментално, и многумина го бараат спасот надвор. „Како да најдете начин, тие млади луѓе што студираат, да ги убедите да поверуваат дека нешто радикално во нивна полза се случило?“, се прашува Ацески.

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk