Баша обвини дека власта скрила 600 смртни случаи со ковид-19

Обвинувања со прекривање на реалната бројка на починати пациенти со ковид-19 во Албанија, изнесе во јавноста албанската опозиција. Лидерот на Демократската партија, Љуљзим Баша, гостувајќи во телевизиска емисија, излезе со тврдења дека биле скриени 601 смртен случај. Власта до крајот на октомври, тврди тој, скрила 414 смртни случаи, а само во ноември, пак, не биле прикажани 187.

„Во периодот март-октомври властите објавија дека починале 509 лица, а всушност реалната бројка е 923. Ситуацијата е уште полоша во текот на овој месец кој сè уште не е завршен. Во првите 17 дена од месецот официјално беше објавено дека починале 128 лица, додека реалните бројки покажуваат дека бројот на смртни случаи во текот на овие денови е повеќе од двојно или 315“, рече Баша.

Тој излезе и со конкретни примери наведувајќи го датумот 9 ноември и рече дека тогаш здравствените власти објавиле 11 починати, а реалната бројка била 26. Опозицискиот лидер вели дека за неговите тврдења има податоци добиени од болниците и додаде дека за сите починати располага со лични податоци. Инаку, вчера во Албанија беше регистриран нов негативен рекорд од 786 новозаразени. Беше објавено и дека се починати 11 лица.

InterServer Web Hosting and VPS