Илјадници луѓе на погребот на починатиот демонстрант во Минск

Илјадници луѓе ги кренаа рацете кон небото денес, носејќи цвеќиња и пеејќи песни пред црквата во Минск, на погребот на белорускиот демонстрант Роман Бондаренко (31).

Смртта на Бондаренко стана главна тема на протестите што траат со месеци, бидејќи опозицијата смета дека Александар Лукашенко победил на нерегуларни избори.

Бондаренко почина минатата недела во болница, откако демонстрантите кои го гледаа неговото апсење рекоа дека тој е сериозно претепан, објави „Ројтерс“.

Смртта ја осуди Европската Унија, која воведе нови санкции за Минск како одговор на државната репресија врз демонстрантите.

Толпата пред црквата, од кои повеќето имаа маски, пееше „Излегуваме надвор“, последните зборови напишани од Бондаренко и „Да живее Белорусија“.

За тоа време, се слушнале сирени на автомобили, а илјадници луѓе аплаудирале кога ковчегот на Бондаренко бил изнесен од црквата.

Полицијата уапси еден лекар кој на медиумите им достави медицински извештај за смртта на Бондаренко, во кој се наведува дека немало алкохол во неговата крв, што предизвикува сомневања во владините тврдења дека починатиот млад човек бил пијан и убиен во тепачка со цивили.

Од државното обвинителство беше покрената истрага против здравствен работник кој откри медицински тајни, ширејќи лажни информации, што создаде тензија во општеството.

Притворен е и новинарот кој го објави медицинскиот извештај.

InterServer Web Hosting and VPS