Каракачанов: Бугарија нема да прави отстапки, тоа би било национално предавство

Никој во Бугарија нема да направи отстапки и да не ги почитува одлуките на Собранието, потврди во телевизиско интервју за телевизија Канал 3, бугарскиот министер за одбрана Красимир Каракачанов, прашан колку е веројатно официјална Софија да го закочи евроинтегративниот пат на Македонија.

– Не видов ниту министерот за надворешни работи, г-ѓа Захариева, да има некаква желба да попушта непринципиелно, затоа што „ете така тие многу настојуваат да влезат во ЕУ“. ВМРО нема шанса тоа да го поддржи. До овој момент идеи за отстапки на бугарската Влада нема, бидејќи тоа би било национално предавство. Никој нема да преземе таква историска тежина да бида нарекуван нешто слично како Георги Димитров, односно национален предавник, од следните бугарски поколенија, вели Каракачанов.

Тој додава дека Македонија не треба да очекува Бугарија да попушти под меѓународен притисок.

– Тие мислеа дека меѓу нивните лаги и нашите историски факти ние ќе направиме некаков компромис, нешто на половина меѓу лага и вистина, а тоа нема како да се случи. Му го објаснив ова лично три-четири пати на Заев. Последниот пат беше крајот на февруари, почетокот на март, пред пандемијата и му реков: тоа нема да се случи, не правите ништо, вашата Комисија за историски прашања не работи, се подигрувате со нас и тапкате во место, нема да ви помине финтата. Тие си помислија дека ќе ги решат нештата како во поранешна Југославија, кога ќе им се налутеше автономната зона, Косово за нешто на Македонците, ќе отидеа во Белград и големиот татко таму, партискиот секретар, ќе најдеше решение. Тие се уште така размислуваат, дека некој ќе ја притисне Бугарија, дали Германците, дали Американците, дали некој друг Европеец ќе ја притисне Бугарија и Бугарија ќе отстапи. Во Америка, пак, никој не се интересира за вакви глупости. Јас имав средби во Стејт департментот, со заменикот на господин Помпео, со министерот за одбраната, средби на највисоко ниво и никој не го постави ова прашање и да каже еј вие таму, зошто ги тормозите луѓето во Скопје?. Но, и Германците вака не го поставуваат прашањето. Тие просто сакаат, за време на нивното европретседателство да добијат поен со тоа што со Северна Македонија ќе се прошири ЕУ, вели Каракачанов.

InterServer Web Hosting and VPS