Опозицијата прашува каде се парите, СДСМ каде се парите од претходната власт

Во Собранието на Македонија се одвива расправата по ребалансот на Буџетот, започната вчера, а по чие донесување треба да почне реализацијата на четвриот пакет антиковид – мерки тешки 470 милиони евра. Опозицијата прашува каде се парите, што стана со распределувањето на средствата од претходните пакети, а од владејачката СДСМ прашуваат за задолжувањата на претходната власт.

Според ВМРО-ДПМНЕ расходите се на историски највисоко ниво, дефицитот пак, е на највисоко ниво, додека пак реализацијата на капитални инвестиции е на најниско ниво.

„Не очекуваме дека овој пакет мерки ќе даде успешни резултати. Во мерките имате скриени расходи и не можно да се реализираат сите средсва како и во претходните пакети”, рече Никола Мицевски од ВРМО-ДПМНЕ.
Неговиот сопартиец Александар Николовски наведе дека само 8,2 отсто одвкупните расходи се помош за антикризните мерки.

Тоа, како што рече, е исто како од 1000 денари 900 денари да се приходи што треба да се соберат, а за 100 денари ќе се задолжи државата, додека кај народот за помош во задржување на работни места ќе се вратат само 82 денара.

Најголем хендикеп, како што рече пратеникот Антонио Милошоски, е што се кратат капиталните расходи.

„Во мала држава како Македонија најдобра работа што може да се направи е да се зголемат срествата и реализацијата на капиталните инвестиции, кои зависат од самата Влада, држава и општина. Ако се зголемат средствата ќе се ублажи економскиот удар. Неспсообноста на сегашната влада и на централно и локално ниво се гледа во реализација на капиталните инвестиции”, истакна Милошоски.

Костадин Костадинов од СДСМ потенцира дека е важно во време на економски кризи државата да инвестира, но не и да прави споменици.
„Во 2009 година издадената еврообрзница од 175 милиони евра беше со камата од 10 отсто. Од заложна куќа да земавте помала камата ќе добиевте. Околу 270 мииони е еврообврзницата во 2015, со 6 отсто камата. Каде се парите? Само во 2020 и 2021 година по основ на главен долг сите ние теба да вратиме 770 милиони евра и по основ на камата 220 милиони евра, а тоа е една милијарда евра. Не го спомнувате Скопје 2014, таму се парите кои сите ние треба да ги враќаме”, истакна Костадинов.

Неговата сопартијка Ирена Лазареска и одговори на опозицијата дека најдобро знае каде се парите, затоа што, како што рече, во 2006 наследија јавен долг од 1,5 милијарда евра, долгот кога заминаа од власта беше над 5 милијарди евра, а скриените долгови, како што рече, не беа испливани кога ја презеле власта.
Заменик-министерот за финансии Димитар Ковачевски во расправаата наведе дека ова е најголема криза која се случи во еден момент и направи пад на БДП на најголемиот дел од сите економии во светот и сите држави ги зголемија своите дефицити и јавни долгови.

Појасни дека за трошењата од буџетот има две големи групи кои се проектираат во секој буџет, а тоа се трансфери кон пензиско, социјални фондови и здравство, што, како што рече, не е намалено во ребалансот и ќе бидат исплатени и пензиите и социјалните права и платите, а за субвенциите потенцира дека тие се на повисоко ниво проектирани, и оти земјоделството е сектор што покажа раст во оваа криза од 3,7 отсто.

Расходите, истакна заменик-министерот се зголемени за 4,1 отсто за да може да се финансираат пакетите на мерките и оттука зголемувањето на дефицитот и јавниот долг е од потребата да се финансираат предвидените мерки.

Расправата по ребалансот, почна вчера, а согласно Деловникот може да трае најмногу пет дена. По неговот донесување ќе почне да се реализираат мерките од четвртиот пакет предвидени за месеците октомври, ноември и декември, а поддршката изнесува 470 милиони евра.

InterServer Web Hosting and VPS