За време на пандемијата ни се случи епидемија на семејно насилство

Од
Даниела Трајковска Здравеска

Cо започнувањето на корона-кризата и препораките за седење дома, односно изолирање и не толку активен социјален живот на граѓаните, во земјава пораснаа случаите на семејно насилство, за што говорат и официјалните бројки од страна на надлежните институции. Очигледно дека седењето дома и поминување на времето со семејството придонесоа за избивање на црните затскриени демони на еден од партнерите во семејствата. Семејното насилство во државава во периодот од јануари до јуни пораснало за 7,4 проценти споредбено со истиот период минатата година.

Ништо подобра не е ниту ситуацијата и низ светот. Повикувачките центри за помош при семејно насилство, телефонските броеви на полициските станици и на организациите за помош, почнувајќи од Австралија, Соединетите Американски Држави и Европа, од почетокот на годинава, а особено од март, исто така евидентирале драстично зголемување на семејното насилство.

Да не заборавиме и дека економската состојба на семејствата низ светот е драстично ослабена како последица на масовни отпуштања од работа. Затворањето цели држави економски најмногу ги погоди семејствата, а во такви ситуации речиси секогаш важи онаа народната „каде што сиромаштијата влегува низ врата, љубовта заминува низ прозорец“.
Најчести жртви на семејното насилство за време на пандемијата се жените. Тоа е заклучок од сите направени истражувања и анализи, а веднаш по нив како жртви се јавуваат децата.

Од актуелната состојба во земјава, па и во светот, не мора човек да е медицинско лице за да заклучи дека повторно се случува забрзано ширење на вирусот. Бројките насекаде драстично растат. Во земјава имаме болници во кои веќе нема место за сместување пациенти, медицинскиот персонал ни е преморен, а со оглед на состојбата, допрва ни се случува екот.

Слично е и во САД, Франција, Шпанија, Италија, Германија…
Со оглед на тоа што некои научни предвидувања одат дотаму што тврдат дека целокупната состојба со коронавирусот ќе трае дури и до 2022 година, се поставува прашањето што е со основната клетка на општеството – семејството. Што ќе се преземе доколку се земе предвид фактот дека на светот повторно му се закануваат карантини? Како жртвите на насилниците да опстојат, со оглед на тоа што мора да делат ист покрив над глава со нив? Ќе дозволат ли државите да продолжи да расте семејното насилство, нешто што повеќе од шест месеци се покажа дека е неоспорен факт?

За да се спасат голем број невини жртви, но и да се обезбеди безбедно и сигурно детство за сите деца жртви и сведоци на семејно насилство, потребно е да се применат многу поенергични мерки, кои на жртвите ќе им обезбедуваат сигурно и безбедно засолниште.

Воспоставувањето бесплатни телефонски броеви што веднаш ќе им понудат помош на жртвите на семејно насилство е само првиот чекор кон креирање безбедна иднина во новото нормално. Да не се остави жртвата само на телефонско советување, туку веднаш да се спроведе акција што на жртвата ќе ѝ обезбеди спасување од насилникот.
Имплементирањето сигурни куќи во кои ќе се сместуваат сите жртви на семејно насилство е дополнителен чекор што ќе им обезбеди на жртвите покрив над главата и парче леб, исто така, е успешен метод на кој може да се потпре секое човечко суштество што трпи малтретирање во своето семејство.

Поддршката од полицијата во овие случаи е неминовна и можеби најпотребна. Брзото реагирање на полициските службеници и затворање на насилниците можеби е најдобриот механизам за решавање на овој проблем, кој дополнителна разврска би добил со експресна работа на судството, кое овие случаи би ги решавало по брза постапка, без одложување на рочиштата дури и во време на пандемија. Само на тој начин ќе се испрати силна порака дека насилството во ниту еден случај нема да се толерира.

Да се поддржат и организациите што се занимаваат со оваа проблематика исто така е од клучна важност, бидејќи токму тие можеби и го имаат првичното дејствување во превенцијата, но и во спасувањето на жртвите на семејно насилство.

Финансиската поддршка на семејствата во овие исклучително тешки времиња е од клучна важност. Сиромаштијата, која на мнозинството семејства им тропна на врата како последица од намалената работа, намалените плати, но и останувањето без работните места, неминовно доведе до пораст на стресот.

Сметките, децата со своите потреби, обезбедувањето храна, сето тоа е притисок што дополнително ја отежнува ситуацијата во семејствата. Затоа од есенцијална важност е да им се обезбеди финансиска помош на семејствата, но и на оние членови на семејството што не работат а се економски зависни од своите партнери. Тие трпат уцени и малтретирање токму поради фактот што немаат каде да заминат, бидејќи немаат како да се издржуваат себеси и децата.

Додека целиот свет, државите и владите се борат со пандемијата на ковид-19, пред очи ни се случи нова пандемија – семејно насилство. Борејќи се со една, ни се случи паралелно уште една, која уништува цели семејства, и тоа пред нашите очи.
За втората не се потребни само медицинските лица. Потребни се целосно функционални системи и општества, подготвени веднаш за акција.

InterServer Web Hosting and VPS