Промоција на романот „Скриени желби, немирни патувања“ од Владимир Јанковски

Во рамки на Фестивалот на европската литература „BookStar“ вечер во Кинотеката на Северна Македонија ќе биде промовиран романот „Скриени желби, немирни патувања“ од Владимир Јанковски.

„Скриени желби, немирни патувања“ е трет роман на Владимир Јанковски. Во него преку комбинацијата на педесетина приказни за ликови од различни географски меридијани и приказни за четири лика од Скопје, авторот се занимава со прашањата за тоа како луѓето ја гледаат „својата приказна“, колку конструкцијата на тоа што сме или што сакаме да бидеме е виртуелна имагинација, каков може да биде индивидуалниот одговор на притисокот да се биде успешен, како понекогаш потрагата по себеси и бегството од себе се поклопуваат, кој е нашиот дел, парче, фрагмент во големото шаренило на светот…

– „Скриени желби, немирни патувања“ истовремено е и роман за патувањата низ надворешните и внатрешните простори, роман што ги истражува разликите, пресекувањата и поклопувањата на овие навидум различни територии. Комбинацијата од непристрасен поглед на камера и лично обоено раскажување го создава необичниот тон на книгата, кој е еден од најважните аспекти на книгата, се вели во најавата за промоцијата на романот.

Во рамки на промоцијата ќе бидат претставени и две видеа со извадоци од романот, направени врз основа на фотографиите на македонскиот фотограф Дејан Колевски.

Владимир Јанковски (Скопје, 1977 година) дипломирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Работел како уредник во повеќе издавачки куќи. Објавил три романи, две книги фотоесеи во соработка со фотографот Иван Блажев и книга разговори со Влада Урошевиќ. За романот „Невидливи љубови“ ја добил наградата „Рациново признание“ и бил македонски кандидат за наградата „Балканика“.

InterServer Web Hosting and VPS