Вархеји: Властите во БиХ да го казнат негирањето на најтешките злосторства

Комесарот за проширување на Европската Унија (ЕУ), Оливер Вархеји вели дека Европската комисија (ЕК) е свесна дека неколку улици, плоштади и згради во Босна и Херцеговина се именувани по контроверзни лица, поврзани со Втората светска војна или конфликтите од 90-тите, вклучително и воени злосторници осудени од меѓународните судови.

– Комисијата ги повикува властите во БиХ за кривично да го казнат негирањето на најтешките злосторства, рече Вархеји..

Одговарајќи на прашање на француската пратеничка во Европскиот парламент Доминик Билд, во врска со улиците што ги носат имињата на истакнати членови на усташкиот режим, особено Миле Будак и Јуре Францетиќ во Мостар, но и сараевското училиште „Мустафа Бусулаџиќ”, тој потсети дека сите земји-кандидати и потенцијални кандидати за членство во ЕУ имаат обврска да го почитуваат законодавството на ЕУ и кривично да го казнуваат јавното одобрување, негирање или грубо банализирање на геноцидот, злосторствата против човештвото и воените злосторства.

– Ние внимателно го следиме ова прашање. Во политичкиот дијалог со БиХ ќе продолжиме да ја повторуваме потребата од преземање конкретни чекори за промовирање средина погодна за помирување со цел да се надмине наследството на војната, рече Вархеји.

Тој додаде дека претстојната 25-годишнина од потпишувањето на Дејтонскиот мировен договор ќе биде можност да се размисли за прашањето за навредливите симболи во јавната сфера во БиХ.

InterServer Web Hosting and VPS