УЕФА размислува за промени, Европското првенство нема да се одржи како што е планирано?

Ставот на УЕФА е дека Европското првенство нема шанси уште еднаш да биде одложено, тоа ќе се игра во предвидениот термин во 2021 година, но може да претрпи промени, дел од градовите домаќини да бидат исфрлени, а дури се зборува и да се одржи во една земја.

Весникот „Сан“ пишува дека УЕФА размислува за промени кога станува збор за организација на Европското првенство, она што е сигурно е само терминот на одржување.

Едното сценарио е на некои градови да им се одземе организацијата, пред се тоа е Баку, Азербејџан кој е зафатен од конфликтот со Ерменија. Но и некои други, како Сент Петерсбург во Русија, со цел да се намали патувањето во услови на пандемија од ковид-19.

Дури се зборува првенството да се одржи во една земја, да се формира таканаречен „меур“ во кој би биле сместени сите селекции за да се намали можноста од заразување во текот на одржување на шампионатот.

Во поглед на гледачите ова првенство сигурно нема да биде како претходните, голема е веројатноста да се игра без публика, а ако се дозволат одреден број на навивачи тие претежно би биле од локалното население на градот домаќин. Патувања на големи навивачки групи во услови на пандемија би било речиси невозможно.

Во наредните месеци во УЕФА се предвидени серија состаноци за да се дефинира како ќе изгледа Европското првенство иако голем дел од одлуките ќе зависат од тоа како ќе се развива пандемијата на ковид-19.

Ова Европско првенство може да биде и прво, историско за македонската репрезентација која за помалку од еден месец игра финален меч со Грузија за пласман на континенталниот собир.

InterServer Web Hosting and VPS