До крајот на годината студија за ревалоризација на Охридското Езеро за негово прогласување за споменик на природата

До крајот на оваа година се очекува да биде изготвена студија за ревалоризација на Охридското Езеро, документ што треба да биде основа врз која ќе биде донесен закон за прогласување на Охридското Езеро за споменик на природата.

Во врска со изработката на студијата денеска во Охрид се одржа работен состанок посветен на процесот за изработка на студијата, како и планот за управување со езерото. Станува збор за проектот „СТАР5 проект“ финансиран од Глобалниот фонд за животна средина, имлеменетиран преку Програмата за животна средина на Обединетите Нации и Министерството за животна средина и просторно планирање.

Во изработката на студијата вклучени се и претставници од Меѓународната унија за зачувување на природата IUCN-ECARO. Даниел Богнер, експерт за управување со заштитени подрачја, во својата презентација појасни дека во студијата се посочени главните закани за езерото, дефинирани се строги зони на заштита, зони за активен менаџмент, како и препораки за воспоставување на тело за управување со заштитеното подрачје на Охридското Езеро.

Градоначалникот на Охрид Константин Георгиески нагласи дека Студијата за ревалоризација треба да биде во корелација со одредбите во Планот за управување со Светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион, особено во делот на управување со првата заштитна зона, појасот од 50 метри на самото крајбрежје.

Според него, од исклучително значење е прецизирање јасни одредби што ќе ги спречат евентуалните закани врз екосистемот на езерото и ќе дефинираат пропишани норми за понатамошно управување со крајбрежјето.

InterServer Web Hosting and VPS