Dacia Sandero и Logan официјално претставени

По првиот преглед кој го имавме претходно овој месец, новите Dacia Sandero и Logan конечно пристигнаа. Sandero Stepway се вклучува во поставата со зголемен клиренс со цел да го заземе своето место меѓу кросоверите. Ова се целосно нови автомобили, со оглед на тоа дека Dacia не ја промени само платформата, туку моделите добија и темелен модерен дизајн.

Триото автомобили се преместија на CMF платформата која се користи за последната генерација на Renault Clio, со што се добива широк опсег на удобност и безбедносни карактеристики. Тука на пример е електричниот управувач и LED предните светла со кои е зголемена далечината на зраците за 37 проценти, во споредба со халогените фарови кои се користеа кај претходната генерација. Дополнителни релевантни примери вклучуваат и асистенција за сопирање во итни случаи, предупредување за слепа точка, паркинг асистент со задни и предни сензори и камера на задниот дел, па дури и асистенција за стартување на угорнини.

Dacia го отфрли дизелскиот погон
Кога станува збор за моторите, многумина ќе бидат изненадени што турбодизел моторот е тргнат од поставата. Со отстранувањето на 1,5-литарскиот dCi мотор, Dacia моделите стануваат достапни ексклузивно со трицилиндрични мотори. Базичниот модел ќе се напојува со атмосферски 1,0-литарски со 65 КС и петстепен мануелен менувач, но само за регуларниот Sandero и Logan. Sandero Stepway нема да се продава со базичниот погон.

Следува турбо 0,9-литарскиот мотор со 90 КС и избор меѓу шестстепен мануелец или континуирана варијабилна трансмисија. По ова доаѓа помоќниот TCe со 100 КС и шестстепена мануелна трансмисија. Интересно, најмоќниот од трите мотори всушност може да работи и на течен нафтен гас. Резервоарот за ТНГ е поставен на местото на резервното тркало. Оваа верзија е исто така почиста, со оглед на тоа дека има 11 проценти помала емисија на CO2 во однос на TCe моделот.

Како помош за намалувањето на потрошувачката и емисијата на СО2 се start/stop системот за сите три погони и CVT менувачот.

Модерен дизајн
Кога станува збор за дизајнот, новите Sandero и Logan се многу пософистицирани од претходните модели. Послабите модели имаат мултимедија систем наречен Media Control со отстранлива поддршка за паметен телефон, додека поскапите модели имаат екран на допир во вид на таблет со големина од 8 инчи.

Овој инфозабавен систем е наречен Media Display и има поддршка за Android Auto и Apple CarPlay. Зависно од инфозабавата, автомобилот доаѓа со два, четири или шест аудио звучници, додека 3,5-инчниот дигитален екран ги разделува аналогните инструменти на контролната табла. Bluetooth и USB конективноста се стандарден дел од опремата низ целиот опсег.

Иако новите модели ќе продолжат да бидат нискобуџетни автомобили, Dacia подготви широк спектар на додатоци. Зависно од пазарот, следниве карактеристики ќе бидат стандардни или опционални: бесконтактно влегување, греење на предните седишта, автоматски клима-уред (со дигитален екран), камера на задниот дел, електрична паркинг сопирачка, автоматски брисачи и така натаму… Sandero моделите исто така ќе бидат достапни со електричен сончев покрив.

Багажникот ќе има капацитет од 328 литри кај Sandero, додека седанот Logan ќе се одликува со багажник од 528 литри. За дополнителна флексибилност, тука е и подесувачкиот под, како и џебовите од вратите и централниот потпирач за рака за дополнителни 21 литар.

Вреди да се спомене дека Sandero Stepway има клиренс од 174 милиметри или 41 милиметар повеќе од регуларниот модел. Добива и пластични заштити над сводовите на тркалата со цел да се добие кросовер изглед, заедно со други детали кои го истакнуваат „набилданиот“ изглед.

Dacia Logan е 3,6 сантиметри подолг од претходно, а дополнителна карактеристика е отстранливиот организатор на багажникот кој го одделува товарот во четири различни големини.

Тука се и промените под надворешниот изглед. Со поставувањето на CMF платформата, на Dacia и овозможи да ја зголеми силата и ригидноста на каросеријата. Романскиот бренд ветува дека новите автомобили ќе останат најдобрата понуда во однос на вложените пари во B сегментот кога Sandero, Sandero Stepway и Logan ќе се најдат во продажба во следните месеци.

InterServer Web Hosting and VPS