Регионалната енергетска соработка во фокусот на посетата на вицепремиерите Битиќи и Николовски и министерот Бектеши на Солун

Скопје, 28 септември – Вицепремиерите за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи и за борба против корупција, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски и министерот за економија Крешник Бектеши, денеска во Солун учествуваа на тркалезната маса на тема: „Регионална енергетска безбедност и соработка“. На тркалезната маса присуствуваа и државниот секретар на САД Мајкл Помпео, министерот за развој, конкурентност, инфраструктура, транспорт и врски во Владата на Република Грција, Костис Хаѕидакис, амбасадорот на САД во Република Грција, Џефри Пјат и амбасадорката на САД во Република Северна Македонија, Кејт Мари Брнз. По завршувањето на тркалезната маса, како што соопшти владината прес-служба, вицепремиерот Битиќи посочи дека ова е одлична можност да се разменат искуствата во делот на енергетиката, потенцијалите за соработка и да се разговара за идните активности во насока на подобрување на енергетската поврзаност.

-За Северна Македонија, како мала и увозно зависна земја од електрична енергија, регионалната соработка е круцијална, особено поради конекциите на земјата за електрична енергија со Србија и Грција како и коридорот за пренос на електричната енергија од Бугарија до Грција, додаде вицепремиерот.

Според него, важноста и потребата за регионалната соработка се дел и од приоритетите во Стратегијата за енергетика која дефинира конкретни мерки и проекти од аспект на прекуграничното поврзување. -Енергетиката е составен дел на денешното живеење, особено што овој сектор не подразбира само производство и дистрибуција на електричната енергија, туку, во него спаѓаат гасот и горивата, како и енергетската ефикасност. Токму преку зголемување на регионалната соработка на полето на енергетиката, гледаме голема можност и потенцијал за креирање на одржлива и развојна економија, што е врвен приоритет на Владата на Република Северна Македонија во следните четири години, нагласи Битиќи. Северна Македонија е посветена на спроведување на реформите во енергетскиот сектор и исполнување на обврските кои произлегуваат од Договорот за основање на Енергетска заедница. Имплементирани се одредбите и обврските што произлегуваат од Третиот енергетски пакет на ЕУ и Директивата за обновливи извори на енергија. Напредокот од земја последна во регионот – во земја со исклучителен напредок е нотирано и во Извештајот на Енергетската заедница. Цел е да се стават во функција сите капацитети и да се впрегне целиот неискористен енергетски природен потенцијал што Северна Македонија го поседува. Планот на Владата е сериозно да го зголемиме домашното производство на електрична енергија, од обновливи извори, да ги достигнеме европските стандарди во процесот на менаџирање со енергетските ресурси и да поттикнеме нови инвестиции во енергетскиот сектор, се наведува во соопштението. – Би сакал да потсетам дека при последната посета на претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев на Република Грција, добивме поддршка од конзорциумот „Гастрејд“, за вклучување на Северна Македонија во изградба на терминалот за течен природен гас во близина на Александрополис во Грција. Со овој проект се создава можност за трајно и стабилно снабдување со природен гас за нашата земја, која, истовремено, ќе стане точка од која потоа гасот ќе се дистрибуира и пошироко во регионот, и во земјите кои ќе покажат интерес, рече вицепремиерот.

Битиќи додаде и дека енергетиката е составен дел за одржливиот развој, што подразбира диверзификација на производството на електричната енергија, целосна либерализација на пазарите, зголемување на производството на електрична енергија од обновливи извори, изградба на нова модерна енергетска инфраструктура, гасно поврзување со регионот, како и проекти за енергетска ефикасност.

-Ќе работиме напорно да ја унапредиме соработката со земјите во регионот, во сите полиња, економија и енергетика особено и од тоа ќе имаме сите бенефит, државите и граѓаните кои живеат во нив. Продолжуваме со одличната меѓусоседска соработка и дополнително ги зацврстуваме економските односи меѓу Северна Македонија и Република Грција. Неискористениот потенцијал за соработка од минатото го трансформираме во исклучително партнерство, од кое корист ќе имаат не само граѓаните од двете земји, туку и целиот регион. Грција и Северна Македонија се добар пример за градење на меѓусебни односи, соработка и стратешко партнерство, истакна вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

По завршување на тркалезната маса, официјалната Владина делегација го посети ИКТ технолошкиот парк „Технополис“ во Солун, при што нашите претставници остварија средби со менаџментот на технолошкиот парк и на компаниите „Делојт“ и „Логисмоз“ кои функционираат во рамките на паркот, со кои зборуваа за можностите за инвестирање во Република Северна Македонија и поддршката која Владата ја обезбедува за компаниите кои реализираат нови инвестиции.

InterServer Web Hosting and VPS