ДКСК ќе го испитува договорот за јавно приватно партнерство за детската кардиохирургија со Жан Митрев

По оставката на детскиот кардиохирург Владимир Чадиковски, кој даде отказ од болницата „Жан Митрев”, Државната комисија за спречување на корупцијата денеска отвори предмет во врска со склученото јавно приватно партнерство на Фондот за здравство со приватката клиника на д-р Жан Митрев.

Антикорупционерите ќе испитуваат дали постојат причини за раскинување на договорот меѓу државата и болницата „Жан Митрев“, особено по објавените информации дека кардиохирургот Жан Митрев нема лиценца да се занимава со детска кардиохирургија, а тој веќе најави дека во идниот период ќе се оперираат 20 бебиња.

Во февруари годинава тим од државната клиника на чело до д-р Чадиковски преминаа да работат во „Жан Митрев“, откако оваа приватна болница потпиша договор за јавно приватно партнерство со Фондот за здравство.

Од Министерството за здравство соопштија дека оставката на Чадиковски не менува ништо и дека јавното приватно партнерство продолжува да функционира.

Во мај годинава беше објавено дека лани во ноември и годинава во февруари Фондот за здравство ги зголеми референтните цени за кардиоваскуларните операции од 15 до 30 отсто со образложение дека се пресметала „кумулативна инфлација”. Така, приватните болници кои имале профит и од досегашните цени на овие операции, сега имаат уште поголем профит.

InterServer Web Hosting and VPS