Fiat Tipo дебитираше на трките од ТЦР Европа

Првенството ТЦР Европа изминатиов викенд продолжи на легендарната патека во Монца, а силната конкуренција донесе две возбудливи трки, на кои дебитираше и Fiat Tipo TCR.

Тимот „Технодом Спорт“ доби дозвола да учествува со еден автомобил на двете трки, под специјална хомологација и без можност да освојува поени.

Зад воланот на Tipo TCR кое се наоѓа во експериментална фаза седеше италијанскиот пилот Лука Рангони, инаку поранешен Формула 3 шампион во својата земја.

– Имавме можност да бидеме дел од ТЦР Италија трките на патеката Валелунга, но сакавме да се претставиме пред поголем аудиториум и затоа се решивме за трката од ТЦР Европа на Монца.

– Благодариме на промотерите што ни дозволија да учествуваме, со што добивме поддршка во процесот на планиран технички развој на автомобилот, беше навистина возбудливо да видиме како нашето Tipo TCR ќе се носи со силната и искусна конкуеренција, – изјавил тимскиот шеф Домицијано Џакон.

На првата трка, Рангони го освои 13. место од 18 возачи кои имаа пласман, додека вчера беше освоено 17. место од 20 натпреварувачи со пласман.

Fiat Tipo TCR уште следната година може да дебитира во различни шампионати, а екипата го модифицира 2.0-литарскиот мотор според потребната спецификација утврдена од тестирањата.

Македонскиот автомобилист Виктор Давидовски учествуваше на овие две трки на Монца, на првата го освои 9. место, додека на второто испушти Топ 10 пласман откако имаше механички проблем во последниот круг.

InterServer Web Hosting and VPS