Скарани со вистината!

Сашо Клековски

По нецел месец на Владата има дилема дали е прерано за први анализи и коментари, но како не сме во нормална ситуација туку сме во „100 дена што ќе треба да се преживеат“, анализи и коментари се неопходни уште сега по првиот месец. Земјата, како и другите, е во најголема здравствена и економска криза од независноста и грчките блокади и конфликтот во 2001 година. Короната ги стави на стрес-тест сите институции и ги разголува, го троши патрон-клиентелистичкиот политички модел. За власта трите клучни предизвици се: економијата, образованието и здравството. Во сенка на кризата се владеењето на правото и јавната администрација, кои ќе испливаат или не на површината во зависност од тоа како ќе бидат првите три прашања. И секако прашањето кој ќе го плати сето – финансии?
Првиот општ впечаток е дека овој втор почеток на Владата на СДСМ, барем на програмско ниво, е многу поорганизиран, дури наликува на почетоците на владите на Никола Груевски. Офанзива од мерки и активности на повеќе нивоа: мерки во пензискиот систем; промени во даночната политика за олеснување на малите бизниси и угостителството како најпогоден сектор од короната; во Скопје истовремен почеток на реконструкција на повеќе булевари итн. Ваквиот почеток има цел да ја таргетира од јавноста перципираната слабост на СДСМ: неспособноста и неработништвото. Дотука добро, за само еден месец да не се засили перцепцијата за друга слабост на Заев и на Владата – дека се скарани со вистината.

Во очекување на четвртиот пакет економски мерки, клучното прашање е колку пакетот ќе биде ефективен, а колку ќе биде ПР-вежба за создавање впечаток дека „барем се прави (гради) нешто“. Тоа ќе може да го видиме кога ќе се објават мерките, но веќе јавно објавените заклучоци на Владата за лозарството не се многу ветувачки. Прво, и да сте стручњак за лозарство и за буџетирање, многу е тешко да разберете кои се мерките. И кога по трето, четврто читање ќе почнете да разбирате, разбирате дека е тоа кутија со многу трикови. Трик број 1 – четири денари субвенција за килограм грозје. Тоа не е субвенција за произведено грозје, туку за произведено и предадено. Значи ако сами произведувате и преработувате нема субвенции. Понатаму, 4 денари е субвенција за грозје до 18 отсто шеќерност, што би рекле нискоквалитетно, и тоа само ако тоа грозје не е наменето за производство на вино, туку за ракија. Ова фактички треба да е реализација на мерка од третиот пакет за 1,5 милион евра за вински дестилат за алкохол производство. Уште на едно место е споменато 4 денари, а тоа за извозници на повеќе од 25 милиони килограми грозје!?

Тоа би било субвенција за некој што извел четвртина од македонското производство, што е невозможно! Е сега за сите други има 2 денари/кг субвенции. Трик број 2 е дека покрај вранец и смедеревка ќе се поддржат и други квалитетни сорти, при што на 8 септември Зоран Заев ќе најави поддршка за ризлинг (има прес-информација на сајтот на Владата), а во информацијата од Владата нема ризлинг, туку има кратошија и кадарка, сорти што и познавачи тешко би ја разликувале од вранец. Плус нема никакво образложение за вкупните ефекти, колку се застапени, зошто тие сорти, зошто не некои други? Трет за субвенции за транспорт за амбалажирано вино, четврт трик и така натаму. Впечатокот е дека надвор од редовните субвенции и третиот пакет мерки, има многу малку реална поддршка за лозарството и винарството.
Во здравството, Венко Филипче почна со релативно голема јавна доверба, но таа почнува сериозно да се раситнува поради две причини: немање сеопфатност и конзистентност во антикорана-мерките и необјаснување на релативно големата смртност од корона. Деновиве се случуваат контрадикторни или, пак, во најмала рака необјаснети здравствени мерки. Од една страна сите групи како хронично болни и родители треба да почнат да одат на работа, а од друга страна се најавува задолжително носење маска на отворен простор.

А одлуката за враќање на родителите да се вратат на работа дојде по истекот на рокот за упис во градинки, а секако предизвика и експресна промена на правилата за градинките за да се зголеми неопходниот капацитет. И да, и тука се фиктивните мерки за зголемување на капацитет, како тоа кога министерската Шахпаска им препорача на општините да ги пренаменат домовите за култура во градинки!? Расте фрустрацијата во јавноста дека се применуваат радикални мерки, наспроти јасна немоќ тие да се применат надвор од делови на Скопје.
Македонија е веројатно последна земја во која не е почната учебната година, но барем пребројавме колку ученици немаат можности за онлајн настава. А веројатно сме далеку од воспоставување критериуми за зелени, жолти и црвени училишта како во Романија, бидејќи до неодамна во министерството немаа ажурна листа на училишта. Секако тука времето немилосрдно одбројува.
Пред две недели напишав дека притворот во охридскиот случај и рушењето на дивоградбата кај „Мавровка“, приоритетот и начинот на кој се справува власта, ќе бидат првите тестови за владеењето на правото и тука резултатот е половичен.
И да, тука е ДУИ, да ѝ отежне на Владата колку што е можно.

Во ситуација на пожар, се отвораат теми за субвенции за вработување припадници на малцинства, кои во ваква жешка есен го одвлекуваат вниманието. На добрата страна е што Фатмир Битиќи, вицепремиер од СДСМ, му се спротивстави за оваа прашање на Артан Груби, вицепремиер од ДУИ.
Сега ВМРО-ДПМНЕ треба да нуди решенија, а не протести. И да нема основен политички фер плеј за 100 дена влада без критика, грешка ќе биде да се предизвика политичка криза во услови кога има здравствена и економска криза. На Македонија не ѝ треба тоа. Ќе има време за политички предизвици, ете, локалните избори се следната 2021 година.
А ВМРО-ДПМНЕ? Досадни се соопштенијата дека мерките, пример подготовката на градинките и училиштата, се катастрофални. Доколку тие се катастрофални кажете што ќе направете вие!

Авторот е аналитичар

InterServer Web Hosting and VPS