Претставен Apple Watch Series 6 со функција за мерење на кислород во крвта

Компанијата го претстави и Apple Watch SE, што претставува подостапен паметен часовник, но со истиот дизајн на Series 6

Компанијата најпрвин го објави паметниот часовник од следната генерација – Apple Watch Series 6. Носечкиот уред пристигнува во неколку нови бои и имплементира нови функции. Сепак, она што е најважно е што новиот часовник може да го измери нивото на кислород во крвта, а мерењето се извршува за само 15 секунди.

Нивото на кислород е исклучителен важен податок за сите, а посебно за лицата кои страдаат од белодробни и срцеви болести, што е посебно изразено во време на падемијата на коронавирусот.

Шестата генерација на паметниот часовник пристигнува со двојадрен S6 процесор што е базиран на А13 Bionic чипот од iPhone 11 и нов дисплеј, кој е 2,5 пати посветол во состојба на мирување отколку неговите претходници. Како и претходната генерација Series 5, часовникот ќе се нуди во две големини на екранот – 40 и 44 мм, а покрај алуминиумската верзија, постојат и поскапите верзии од нерѓосувачки челик и титаниум.

Новиот Apple Watch нуди нови опции за целото семејство, бидејќи на родителите им пружа подобра контрола на децата во смисла на рестрикција на содржини, контакти, следење и слични опции.

Apple Watch Series 6 ќе се продава по цена од 399 долари, а во продажба ќе се најде од петок.

Компанијата го претстави и Apple Watch SE, што претставува подостапен паметен часовник, но со истиот дизајн на Series 6. Во однос на најновиот модел, ќе биде ускратен за мерењето на нивото на кислород во крвта и ЕКГ функцијата, а нема ни екран што постојано е вклучен. Часовникот работи на минатогодишниот S5 чип и ќе се продава по одлична цена од 279 долари за верзијата од 40 мм и 309 долари за моделот со дисплеј од 44 мм.

InterServer Web Hosting and VPS