Народна банка: Остварувањата на економијата генерално се во согласност со очекувањата

Најновите макроекономски показатели покажуваат пад на бруто домашниот производ во вториот квартал од 12,7%, што во целост е во согласност со проекцијата на Народната банка според која очекуваното намалување изнесуваше 12%.

„По минималниот раст на економијата во првиот квартал од само 0,2%, во вториот квартал, економијата очекувано забележа досега најдлабок годишен пад, одразувајќи ги ефектите предизвикани од пандемијата на ковид-19. Тековно расположливите високофреквентни податоци за третиот квартал од 2020 година, упатуваат на поумерени негативни ефекти од здравствената криза врз економската активност. Ова е видливо преку забавувањето на годишните стапки на пад на индустријата и трговијата во јули, додека на месечна основа се забележува раст и во двата сектора“, соопшти Народната банка.

Во соопштението се наведува дека просечната годишна стапка на инфлација и натаму се одржува на релативно ниско и стабилно ниво, и за првите осум месеци од годината изнесува 0,8%, за што главно придонесуваат повисоките цени на храната. Во однос на проекцијата, ваквите остварувања се над очекувањата за 0% стапка на инфлација во 2020 година.

„Во вакви услови, како и при различни насоки на ревизија кај увозните цени и нивна голема променливост посебно изразена во услови на глобалната пандемија, неизвесноста околу остварувањето на проекцијата на инфлацијата за 2020 година е зголемена“, велат од НБРМ.

Девизните резерви и понатаму се на соодветно ниво и се одржуваат во сигурна зона.

Во однос на движењата кај вкупните депозити и вкупните кредити, првичните податоци за август покажуваат нивен натамошен солиден годишен раст, кој е повисок во однос на проекцијата за третиот квартал од годината.

Во услови на засилени очекувања за пронаоѓање вакцина за ковид-19 и за постепено закрепнување на глобалната економија, велат од Народната банка, на меѓународните финансиски пазари во август беше забележан оптимизам, проследен со пораст на цените на акциите и други високоприносни финансиски инструменти. Истовремено, инвеститорите имаа послаб интерес за побезбедни финансиски инструменти, што доведе до пад на цените на државните обврзници издадени од државите во еврозоната и од САД, коишто сепак беа умерени и ограничени во услови на натамошна примена на експанзивните монетарни политики на централните банки.

„Резимирано, на седницата на Комитетот беше заклучено дека последните макроекономски показатели главно се движат во согласност со очекувањата на Народната банка, при што согледувањата за амбиентот за спроведување на монетарната политика се непроменети во однос на претходната оцена. Неизвесноста и ризиците од идните макроекономски ефекти од пандемијата предизвикана од Ковид-19 и натаму се присутни, како во глобални рамки, така и во рамки на домашната економија“, се наведува во соопштението на Народната банка.

InterServer Web Hosting and VPS