Белоруското МВР не знае ништо за притворањето на Марија Колесникова

Белоруското Министерство за внатрешни работи нема информации во врска со притворањето на членот на Президиумот на Советот за координација на опозицијата, Марија Колесникова и нејзините колеги, изјави за ТАСС портпаролката на министерството, Олга Чемоданова.

„Министерството за внатрешни работи нема на располагање информации за притворањето на Колесникова и нејзините колеги“, рече таа.

Претходно, белоруските медиуми соопштија дека утринава, неидентификувани лица ја киднапирале Колесникова во близина на Националниот музеј на уметноста во Минск. Таа, наводно, била принудена да влезе во комби на кое имало ознака „Комуникации“. Полицискиот оддел во Минск за ТАСС изјави дека ги проверува извештаите за исчезнувањето на Колесникова.

Поранешната претседателска кандидатка Светлана Тихановскаја ги смета белоруските власти одговорни за исчезнувањето на Колесникова.

„Режимот на белорускиот претседател Александар Лукашенко покажува дека тој дејствува само со заплашување. Киднапирањето на Марија Колесникова, Антон Роденков и Иван Кравцов е обид да се наруши активноста на Координативниот совет. Сепак, ова нема да нè спречи. Колку повеќе нè заплашуваат, толку повеќе луѓе ќе излезат на улица. Ние ќе ја продолжиме борбата, ќе бараме ослободување на сите затвореници и нови фер избори “, рече таа.

Претходно, членот на Президиумот на белорускиот опозициски Координативен совет, Максим Занк, за ТАСС потврди дека неговите обиди за контакт со Колесникова биле неуспешни. Прес-службата на Советот соопшти дека адвокатите бараат и претставници на Советот Иван Кравцов и Антон Роденков, кои остануваат недостапни.

InterServer Web Hosting and VPS