Судови во политичко менгеме

Земји кои немаат независно судство не можат да бидат членки во Европската унија. Ова категорично го тврди претседателот на Судот на правадата на ЕУ, Коен Ленартс, нагласувајќи дека членството во Унијата подразбира пред сè независно и непристрасно судство, кое функционира во согласност со одредбите за правично судење и ги воспоставува законите на ЕУ.

При посета на Полска пред извесно време Ленартс предупреди дека сите земји-членки мора да создадат услови нивното правосудство да биде независно од партиско-политички влијанија, коментирајќи го исходот на неколку случаи кога Судот на ЕУ лани донесе пресуда дека реформите на полското правосудство, насочени кон зголемување на ефикасноста на судовите, всушност се во спротивност со ЕУ-законот.

Заднината на ваквите критики појасно се исчитуваат кога се има предвид популистичката политика што во последните години добива силен замав, (не само во ЕУ), но која има очигледни тешкотии да го почитува владеењето на правото и правната држава, како и посебно кога станува збор за почитување на меѓународната јурисдикција. Токму затоа се заговара преземање на сериозни заложби за да се спречи таквиот развој. Правилата на игра кои долго време се сметаа за сигурни и неоспорни, сега се разнишани и доведени под знак прашање, при што јакнењето на еден алтернативен светски поредок – базиран пред сè на политичка моќ и сила, а не на заеднички правила и судови – не им оди во прилог посебно на малите земји.

Македонија е една од земјите која мака мачи да воспостави независно правосудство, ослободено од менгемето на политички стеги и корупција, кое со непристрасно функционирање ќе ја зголеми довербата во принципите на владеењето на правото и еднаквоста на сите пред судовите. Во таа насока, на Македонија, која го очекува стартот на преговорите на членство во ЕУ, ù претстои уште долг пат што треба да се изоди, со мошне порешителни чекори отколку што тоа беше случај досега.

Но опседнатоста со постизборната поделба на политички фотелји во ешалоните на власта и понатаму во преден план ги исфрла интерсите на партиските елити, кои во Македонија се втурнати во еден жесток меѓуетнички клинч и борба за превласт. Инсистирањето да се зголеми бројот, меѓу другото, на потпретседатели на Собранието, сè со цел да се задоволат незаситните партиски апетити за „здомување“, не остава многу простор за дискусија околу други, алармантно неодложни прашања, какво што е и веќе премногу долго беззабо преџвакуваното прашање за озвозможување и гарантирање на независно назаначување на судии. Без никакви „тефтерчиња“.

Принципите на правната држава во последните години сè понагласено се наоѓаат во фокусот на дебатата за иднината на ЕУ. Според најновото истражување на организацијата „Светски пројект за правда“, World Justice Project, во Европа се забележува пад на владеењето на правото. Со најдобри резултати, вообичаено, на врвот на табелата се пласирани скандинавските земји Данска, Норвешка, Финска и Шведска, а потоа следат и останатите западноевропски земји.

Македонија, што не е никакво изненадување, се наоѓа во долниот дел на табелата, на 23-то место, но сепак пред неколку земји кои се полошо рангирани: Унгарија, Босна, Белорусија, Албанија, Украина, Србија, Молдавија, Русија и Турција, која е на дното. Табелата е правена според скала од 0 до 1, така што колку е повисок поенот што некоја држава го добива, толку е повисока и оценката за принципите на правната држава. Македонија има добиено 0,53 поени, а највисоко пласираната Данска, 0,90 поени.

Според Европската комисија, толкувањата на суштината на принципите на правната држава варираат на национално ниво, зависно од уставниот систем на секоја земја-членка. Но едновремено се констатира дека е невозможно да се остварат елементарните човекови права доколку не се респектира владеење на правото.

Правната држава во најширока смисла го означува односот меѓу државните органи, владата, парламентот, судовите и други институции, како и приватните лица и другите приватни актери, меѓу другото здруженијата и компаниите. Тој однос е важен кога е во прашање, на пример, како ќе бидат донесени закони, како ќе бидат третирани осомничените за кривични дела, или како ќа се утврдуваат и собираат даноци.

Но она за што во Македонија многу помалку се дискутира, а за што медиумите и не покажуваат посебен слух, е дека правната држава не се однесува само на високата корупција, туку и на она што се слулчува меѓу приватните актери и општеството. Правната држва е еднакви релевантна и за потребите на обичниот граѓанин кој не може ни да примириса до државните пари, но кој има право на правна заштита кога се работи за предмети поврзани со купо-продажни договори, без оглед дали станува збор за мобилни телефони, автомобили, земјиште, станови и куќи, за правото на обесштетување при повреди предизвикани од сообраќајни несреќи, или, пак, на пример, кога станува збор за семејни прашања какви што се брак, развод, наследство или оставински постапки.

Колкав е бројот на македонски граѓани кои нема да се пожалат дека со години „се борат“ по судовите со заборавени и застарени предмети во фиоките, кои никако не се приоритираат, а за кои практични и не постои начин да се жалиш некаде. Правната сигурност е всушност сведена на тоа да бидеш оставен на милост и немилост на адвокатско-обвинителко-судиското непостапување и во многу случаи – самоволие.

Легендарниот Дејвид Боуви во еден свој хит извикува „Можеме да бидеме херои, само за еден ден“ − We can be heroes, just for one day. Тие што во Македонија ќе се потрудат, и жртвуваат, да профункционира судска правда, би можеле да бидат херои – па макар само и за еден мандат.

InterServer Web Hosting and VPS