Наместо честитка: Каде бевме и каде одиме, што (може да) очекуваат граѓаните од новата влада?

Пред неполни 4 години, бевме земја во која институциите се заробени од владејачката партија, во која се гушеа правата и слободите на сите неистомисленици, во која криминалот, корупцијата и клиентелизмот и меѓусебната омраза станаа „норми“ на општествено однесување, во која функционерите беа безгрешни, па дури и кога беа фатени на дело, нè правеа будали како Диме Спасов.

Живуркавме во бесперспективна земја, која поради национал-роматнизмот во државните политики на сите нивоа беше поделена внатрешно и изолирана надворешно, со нарушени меѓуетнички и меѓучовечки односи дома и привремено име, оспорен идентитет и децениски спорови со соседите што ги закочија евроатлантските интеграции на надворешен план.

Бевме земја, во која платите растеа споро, а сиромаштијата брзо, во која партиската книшка за многумина значеше единствен пат до работа што често значеше преживување, а за малкумина аздисано богатење и луксузирање…За овие работи, „срдечни честитки“ одат бездруго на адресата на избеганиот војвода во Будимпешта, на фамилијата и партијата која е се уште заробена од една криминална и клиентелистичка клика.

Сега, по само 3 години, Северна Македонија е членка на НАТО, конечно има и донесена одлука на сите земји членки за почнување на преговорите со ЕУ, со решени спорови со соседите и сочуван идентитет. Национализмот како државна политика, го замени концепт што ги уважува сите заедници.
Економијата пред пандемијата забележа раст далеку поголем од оној во време на Груевски. Растеа и минималната и просечната плата, и вработувањата, и пензиите, и социјалната помош, и платите во образование, здравство, се решија прашањата на стечајците, се потпиша колективен договор и се нивелизираа платите во културата итн.

Наместо барок, бронза и стиропор, се изградија патишта и улици, градинки, се инвестираше во болници, канализации, водоводи, системи за наводнување, соларни електрани… Во државата се вратија слободата на мислење и демократијата, нема прогон на неистомисленици и има критика кон власта речиси на сите медиуми.

Дали се грешеше? Секако, но веќе нема „безгрешни“ функционери, туку оставки, разрешувања, па и апсења и судења. А, наместо инсистирање на таа „безгрешност“ и напаѓање и дискредитирање на оние што ги посочуваа грешките и подобрите решенија, власта во овие три години често ретерираше и ги поправаше своите пропусти под притисок на јавноста.

За ваков напредок, можеби незабележан во историјата на плуралистичка Македонија, честитки заслужува претходната Влада предводена од Зоран Заев и нејзините претставници кои беа носители на овие политики, што во неколку сегменти на општеството направија исчекори за кои чекавме цели децении. Да се дојде до вакви успеси, со таков распоред на сили на политичката сцена и толку силни непријатели, навистина е резултат за почит!

Се разбира дека јавноста, гласачите и граѓаните воопшто, имаат свои очекувања од новата Влада. Сите тие, колку и да се големи, се реални, со оглед на тоа каде е отиден светот и развиените демократии, кон кои стремиме. Но, дел од овие очекувања се прилично тешко остварливи, со оглед на резултатот на изборите, којшто диктира иднина во која ќе напредуваме бавно, со многу пречки и низ тешки политички компромиси. Самиот факт што ДУИ, „поубавата половина“ на режимот на Груевски е сè уште на власт благодарение на гласањето (и негласањето) на изборите, а и тоа што прв вицепремиер ќе биде Артан Груби, доволно говори за себе.

Тоа што мене ми дава надеж дека новата Влада ќе испорача токму онака како што ветуваше во кампањата, „и повеќе и подобро“, е спојот на проверени и искусни кадри на социјалдемократите кои се докажале како исклучително способни и со резултати во минатото, но и граѓанската компонента и наследството на Шарената револуција, што и во оваа Влада е претставена преку неколку и стари, но и нови министри, луѓе кои покажаа низ овие години, и во граѓанскиот сектор и во институциите, дека знаат да дадат исклучителен придонес во важни, суштински процеси и промени во нивните области на дејствување.

Пред нив, освен одговорноста да водат држава во вакви тешки времиња, се и предизвици со кои ќе се соочат не само тие лично, туку и нивните семејства – жестоки хајки со клевети, навреди, говор на омраза, повици на насилство. Што поуспешни ќе бидат, толку повеќе ќе ги мразат.
Затоа, наместо вообичаените честитки што им ги преполнуваат сандачињата, им ја давам целосно мојата поддршка, а ќе им ја давам и кога ќе помине „медениот месец“ со разбудените пријатели кои не им се јавиле со години, и кои ќе ги заборават штом помине функцијата.

На сите нив, им посакувам од срце да истраат, да останат свои како и до сега, и да им вратат на граѓаните со максимална посветеност за дадената доверба. Очекуваме повеќе правда и одговорност за оние што не почитуваат закони, подобра економија, животна средина, здравство, образование, инфраструктура…Иако очекувањата се големи, секој чекор напред, ќе значи наша заедничка победа. Со среќа!

Петрит Сарачини за ЦивилМедиа

InterServer Web Hosting and VPS