Коронавирусот во Германија доаѓа најмногу од Косово

Германскиот Институт „Роберт Кох“ (РКИ) направи список на земји во кои Германците најмногу се заразиле со коронавирус, а Косово е на самиот врв на тој список.

РКИ посочува дека од средината на јуни, по првото отворање на границите, има зголемување на бројот на луѓе што за време на престојот во странство се заразиле со коронавирус.

Пред затворањето кон средината на март, учеството на увезените случаи, според РКИ, било на својот врв со 46 проценти, а по затворањето на границите, тој удел паднал на 0,4 проценти.

Со повторното отворање на границите, учеството на увезени случаи повторно пораснало на 31 процент.

Од првите 15 земји на инфекција, на прво место е Косово, од каде што 1.096 луѓе го донеле коронавирусот во Германија.

На второ место е Турција со 501 случај, а потоа следува Хрватска со 260 случаи.

Србија е на четвртото место со 196 случаи, следуваат Бугарија со 166, БиХ со 156, Романија со 113, Полска со 112, Шпанија со 107, Македонија со 92, Албанија со 86, Холандија со 50, Австрија со 44 и Франција и Украина по 43 случаи.

Косово уште на почетокот се најде на списокот на ризични региони за кои важат предупредувањата за патувања поради коронавирусот.

Германските власти не знаат зошто е толку голем бројот на заразени повратници од Косово.

Сепак, тоа го поврзуваат со Бајрам кога многу муслимани од Германија отпатувале во земјите на своето потекло кај семејствата.

Од 8 август во сила е обврската за тестирање лица што се враќаат во Германија од високоризични региони, односно двонеделен карантин.

InterServer Web Hosting and VPS