Кратка е патеката од нереалните очекувања до големите разочарувања

Коментар од: Џабир Дерала

Формирањето влада е завршена работа… Или не е? Па, и не е. Ручекот на лидерот на социјалдемократите се толкува како завршување на тој процес, дописот од кабинетот на претседателот Пендаровски до коалицијата „Можеме“ се толкува како свршен чин, исто така. Всушност, едно со друго нема врска.

Што е точно? Информацијата за „завршените преговори“ е, всушност, оваа: „Претседателот Заев денеска имаше приватна ручек средба во хотел Белви во близината на Скопје. На денешната ручек средба на претседателот Заев немаше преговори за формирање Влада. Кога се случуваа преговори за влада со негово учество, истите се одржуваа во Собранието или во Клубот на пратеници.“

Информацијата за „свршениот чин“ на доделување на мандатот е оваа: „Со оглед на истекот на уставните десет дена после конституирањето на Собранието, од страна на Претседателот на државата до Коалицијата Можеме беше побарано известување за предлог за кандидат за мандатор за состав на Владата на Република Северна Македонија. Од страна на СДСМ и Kоалицијата Можеме, согласно член 90, став 1 од Уставот, за мандатор е предложен Зоран Заев, претседател на СДСМ“.

Ова е уште една илустрација за нестрпливоста на јавноста. Може да се каже дека тоа е и поради навестувањето на тешките месеци пред нас. Да бидеме реални: водењето на владата, со дадените околности и распоредот на политичките сили, сите тешки зборови изговорени во текот на кампањата, невозможните ветувања на некои политичари кои немаа програма, туку само празна, иако провокативна кампања… Сето тоа ќе донесе разочарувања веќе во првите денови, па и часови по соопштување на имињата на тимот што ќе ја води извршната власт во наредните четири години.

Со брзање кон заклучоците нема да стасаме кон решенијата, туку само ќе ги зголемиме очекувањата. А потоа, кога ќе настапи разочарувањето, по „изневерените“ очекувања од погрешно разбраните пораки и постапки, тогаш сме први да удираме на сите ѕвона. Притоа, намерно или ненамерно, ги забораваме околностите што нè довеле до некоја состојба.

Мицкоски ги одложуваше изборите колку што можеше, со сите уцени и притисоци што можеше да ги смисли неговата кујна. Во парламентот влегоа и радикали, слободно можеме да ги наречеме и неофашисти, иако велат дека го сакаат Сталин повеќе од Мусолини. Политичките кампањи и пораки пред изборите имаат сосема друга тежина по изборите – како ќорсокакот со премиерот Албанец на Ахмети…

Од друга страна, нè очекуваат школската година, грејната сезона, затворањето на една економски тешка година за целиот свет, новиот бран на пандемијата… Накратко, пред нас е една многу тешка есен и уште потешка зима. Тоа не се пребродува со затворање на очите или со брзо извлекување на заклучоци и погрешно сфатени пораки. Ни најмалку!

InterServer Web Hosting and VPS