Ќе го добие ли Заев мандатот без да има обезбедено поддршка од 61 пратеник?

Претседателот на државата, Стево Пендаровски утре напладне ќе му го довери мандатот за состав на Влада на претседателот на СДСМ, Зоран Заев. Од претседателскиот кабинет во поканата за настанот наведуваат дека лидерот на социјалдемократите го информирал шефот на државата за преговорите за мнозинство, но не и дека бил информиран дека Заев ги има потписите од 61 пратеник.

„Зоран Заев, во име на коалицијата ,,Можеме”, којашто има освоено најголем број пратенички мандати во Собранието, го информираше претседателот Пендаровски за преговорите со повеќе партии за обезбедување на неопходното мнозинство во Собранието за избор на владата“, се наведува во соопштението од Кабинетот на претседателот.

Вака стокмената информација ја отвора дилемата дали навистина Заев го има неопходното мнозинство, согласно Уставот, за да го добие мандатот за Влада.

Покрај ова, ниту од една од партиите потенцијални коалициски партнери на Заев не потврдуваат дека имаат договор со СДСМ за формирање ново парламентарно мнозинство.

Од ДУИ се децидни дека договор со СДСМ нема и дека Заев ја нема поддршката од пратениците од редовите на интегративците. Истото го посочуваат и од Алијанса за Албанците, но и од Алтернатива.

А, дека Заев најверојатно се уште нема мнозинство во Собранието зборува и неговата попладневна средба со Африм Гаши, лидерот на Алтернатива. Извори од оваа партијата непосредно пред средбата тврдеа дека нема договор со СДСМ.

Средбата Заев – Гаши се одржа попладнево во хотелот Белви, на периферијата на Скопје. Двајцата лидерите по средбата си заминаа без да дадат изјави и да информираат за што зборувале и дали постигнале консензус за коалиција.

Од ВМРО ДПМНЕ, кои исто така водат разговори за формирање на парламентарно мнозинство, велат дека постапката на Пендаровски е противуставна.

„Всушност ќе им даде само нови 20 дена на Заев да се обиде да си ја спаси кожата и нови 20 дена агонија и нови 20 дена за пишманење. Новите 20 дена се доказ дека немаат мнозинство и преговорите на СДСМ се во ќорсокак“, вели портпаролот на ВМРО ДПМНЕ, Димче Арсовски.

Пендаровски досега тврдеше дека мандатот ќе го додели на оној кој ќе му приложи гаранции дека има обезбедено мнозинство од 61 пратеник. Но, засега нема информација од Вила Водно дали шефот на државата останал на својот збор и добил гаранции или пак донел одлука поинаква од ставовите кои досега ги изнесуваше.

InterServer Web Hosting and VPS