Заев со мандатот ќе си „купи” уште 20 дена за преговори

Мала е веројатноста дека до петок СДСМ и ДУИ ќе постигнат договор за формирање на Влада, но мандатот за состав ќе биде доверен најверојатно на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, како лидер на коалицијата која освоила најмногу пратенички мандати, тврдат познавачите на политичката сцена во земјава. За аналитичарите се возможни сите комбинаторики, не ја исклучуваат ниту можноста за широка коалиција.

Со оглед на изјавите, изминатите денови кои укажуваат на тоа дека СДСМ и ДУИ не се блиску до договор, политичкиот аналитичар Петар Арсовски смета дека откако ќе го добие Заев мандатот од Пендаровски, тој ќе ги искористи сите 20 дена кои му ги даваат роковите за преговори и обезбедување мнозинство. Во однос на комбинаториките, Арсовски не верува дека ако СДСМ се договори со ДУИ, ќе ги внесе и другите албански партии. За влез во Влада на другите албански партии зависи од тоа како ќе завршат преговорите со ДУИ. За ВМРО-ДПМНЕ, пак, според него, најголемиот проблем е Левица, која е неприфатлива за меѓународната заедница. Бројките велат дека е возможна и таква коалиција, но сето тоа е прашање на политичка цена.

-Не се големи изгледите дека до петок ќе се договори парламентарно мнозинство, од две причини, едно гледаме непопустливост и кај СДСМ и кај ДУИ, а второ и поради прашањето дали Пендаровски може да даде мандат или не. Ако претседателот Стево Пендаровски одлучил да го даде мандатот, без малку е сигурно дека ќе го додели на тој што има најмногу пратеници, а тоа е лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Договорот за мнозинство е и договор за Влада и тој е потребен и за избор на спикер на Собранието. Мислам дека откако ќе го добие Заев мандатот од Пендаровски, тој ќе ги искористи сите 20 дена кои му ги даваат роковите за преговори и обезбедување мнозинство. Со оглед на изјавите деновиве дека СДСМ и ДУИ се колку блиску толку и далеку, што значи дека нема поместување на позициите, сметам дека договор нема да има веднаш, вели аналитичарот Петар Арсовски во изјава за весникот ВЕЧЕР.

Аналитичарот Алберт Муслиу, пак, верува дека до крајот на оваа недела ќе се знае во кој правец ќе биде договорот помеѓу политичките чинители.

-Верувам дека до крај на неделата ќе пресечат. Ќе знаеме во кој правец се движи целиот процес, а Влада верувам дека ќе се формира до крај на месецот. Заев ќе ја формира Владата тука немам дилеми, тој веќе има 47 пратеници, 46 плус ДПА. Сепак, до крај на неделата ќе знаеме во кој правец ќе биде договорот, дали СДСМ со ДУИ, дали со другите албански партии или сите заедно. Возможно е и Мицкоски да обезбеди мнозинство, не дека не е, но колку е тоа веројатно, тоа е друго прашање, вели политичкиот аналитичар Алберт Муслиу во изјава за весникот ВЕЧЕР.

Поранешниот амбасадор Ристо Никовски смета дека какво и да биде решението, сите изгледи се дека тоа ќе биде привремено. Најдобро решение, според него, е привремена широка коалиција, која ќе се соочи прво со пандемијата, а потоа ќе организира нови избори.

 -Тешко е да се претпостави каква ќе биде разврската околу новата Влада. На маса се сите опции и сите со право се надеваат дека токму тие ќе бидат вршители на мандатот. Во секој случај, какво и да биде решението, сите изгледи се дека тоа ќе биде привремено, и дека набргу ќе пловиме кон нови избори. Во секој случај, најлошата опција е ако сите албански парламентарни партии влезат во Владата, бидејќи тоа ќе води кон нови уцени и нови неуставни решенија на линија на албанскиот национализам. Најдобро решение е привремена широка коалиција, која ќе се соочи прво со пандемијата, а потоа ќе организира нови избори. За жал, некаков договор во таа насока меѓу двете најголеми македонски партии е невозможен, изјави за ВЕЧЕР поранешниот амбасадор Ристо Никовски.

На два дена дена до истекот на рокот за доверување на мандатот за состав на Владата, официјално нема договор меѓу партиите кои освоија најмногу пратенички места. Од СДСМ тврдат дека Заев е мандатар и дека во тек се разговори за парламентарно мнозинство, а Мицкоски пак вели дека го известил Ахмети дека токму ВМРО-ДПМНЕ е победник во македонскиот блок. Неизвесноста ја зголеми и изјавата на лидерот на ДУИ дека колку се блиску толку се и далеку од договор со СДСМ.

Во петок истекуваат десетте дена за доделување на мандатот, откако се одржа конститутивната седница. Во Уставот е предвидено претседателот на државата да го довери мандатот за состав на Владата на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Парламентот. Мандатарот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата. Владата, на предлог на мандатарот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

InterServer Web Hosting and VPS