Нефункционално Собрание не е конституирано Собрание

Од Јетон Шасивари

Последниве денови, може да се прочитаат и слушнат различни толкувања и разгледувања за прашањето кога се конституира Собранието, или поточно речено, во кој временски момент (од кој ден) се смета дека Собранието е веќе конституирано. Инаку, некои толкувања и разгледувања потенцираат дека со верификација на мандатот на 120 пратеници што се случи на 4 август на првата седница, веќе се конституираше Собранието, иако тоа нешто не е пропишано ниту во Уставот ниту во Деловникот на Собранието и претставува типичен пример за тоа како преку толкување се создаваат непостоечки уставни норми. Оваа прашање е тесно поврзано со одредбата од член 90 од Уставот т.е. со 10-дневниот уставен рок во кој Претседателот на Републиката од денот на конституирање на Собранието е должен мандатот за формирање на Влада да му го довери на кандидатот на партијата или партиите кои имаат мнозинство во Собранието.

Според правилното уставно толкување кое во суштина е целно (телеолошко) толкување на Уставот, како временски момент кога се смета дека е конституирано Собранието е моментот (денот) на избор на Претседател на Собранието и од тој момент започнува да тече 10-дневниот уставен рок за Претседателот на Републиката да го довери мандатот за формирање на Владата; или со други зборови: Собранието се конституира во моментот (денот) кога е избран Претседателот на Собранието, кој официјално писмено со допис го известува Претседателот на Републиката; што правно значи негово известување за обезбедено мнозинство во Собранието.

И Деловникот на Собранието, прашањето за конституирање на Собранието конкретно го уредува во втората глава (одредбите од член 9 до член 28) и тоа, како една процедурална целина која се состои од три фази, имено: прва фаза, конститутивна седница и верификација на мандатот на пратениците; втора фаза, избор на Комисија за прашања на избори и именувања, и трета фаза, избор на Претседател (и потпретседатели) на Собранието. Како што може да се види, верификацијата на мандатот на пратениците е само прва фаза од конституирање на Собранието, која беше консумирана на 4 август; но сепак, за конституирање на Собранието, треба да се консумираат и втората фаза, а особено третата фаза, затоа што со самиот избор на Претседател на Собранието завршува и конститутивната седница и од тој момент се конституира Собранието.

Сево ова значи дека, од 4 август Северна Македонија има 120 конституирани пратеници затоа што на тој ден нивниот мандат беше верификуван (потврден); но сè уште нема конституирано Собрание затоа што нема Претседател, така што Собранието на Северна Македонија моментално е нефункционално и неактивно затоа што Собранието се става во функција и се активира само од страна на неговиот Претседател при што Собрание без негов Претседател како негов главен функционер не може да одлучува за било кое прашање за кое има уставна надлежност да одлучува, а особено за избор на Владата.

Во ваква ситуација, би било интересно но повеќе апсурдно, доколку Претседателот на Републиката ќе постапи во брзање според толкувањето дека веќе започнал да тече уставниот рок од 10 дена за доверба на мандатот за формирање на Влада затоа што Деловникот на Собранието во делот за избор на Влада, во одредбата од член 110 пропишува дека, Претседателот на Собранието (кој не постои!) во рок од три дена од денот на приемот на известувањето од Претседателот на Републиката ги известува пратениците за кандидатот за Претседател на Владата (мандатор).

Инаку, целното (телеолошкото) толкување е утврдување на правото и точното значење на уставната норма според нејзината намена, односно со чијашто примена најдобро (најлесно) се остварува целта (социјалната вредност) на уставната норма во општеството. Затоа, вообичаено со право се вели дека, целното толкување е дефинитивно, затоа што сите други видови толкувања во суштина го подготвуваат теренот за оваа толкување на уставната норма.

Во оваа смисла, нема најдобро и најлесно остварување на намената (социјалната вредност) на уставната норма за конституирање на Собранието која би била подобра од изборот на Претседател на Собранието како временски момент односно ден од кога ќе се смета дека Собранието е конституирано, бидејќи првенствено, со тој чин Собранието станува функционално и активно и може да одлучува за било кое прашање за кое има уставна надлежност да одлучува, а особено за избор на Влада; а од другата страна, како правна последица го има и јавното обзнанување на фактот за обезбедено мнозинство во Собранието, при што и Претседателот на Републиката ќе нема дилема на кој кандидат да му го довери мандатот за формирање на Влада согласно член 90 од Уставот.

Да заклучам со еден школски пример за јасен и точен уставотворец кој отишол подалеку со најлесното остварување на социјалната вредност во општеството на уставната норма за конституирање на парламентот, имено одредбата од член 73 став 3 од Уставот на Хрватска каде е пропишано дека, Хрватскиот парламент се конституира со избор на Претседател на првата седница, на која присуствуваат мнозинство пратеници.

(Авторот е редовен професор во правната област уставно и управно право – Правен Факултет – Универзитет на Југоисточна Европа-Тетово)

InterServer Web Hosting and VPS