Во Албанија расте бројот на новозаразени, оздравени и починати лица од Ковид-19

Во последното деноноќие во Албанија регистрирани се 127 новозаразени со Ковид-19, 32 оздравени и шест починати лица.

Најголем број од новозаразените се од Тирана или 36, од Драч се 15 додека ново жариште станува Круја од каде се 28 од новозаразените.

„И покрај сите напори на здравствените работници, во последните 24 часа битката со опасниот вирус ја загубија шест пациенти, тројца од нив од Драч, со што вкупниот број на починати сега изнесува 188 починати. Од друга страна опасниот вирус го победија 32 пациента или вкупно 3.155 лица“, соопшти Министерството за здравство и социјална заштита.

Со последно направените 531 тест, од почетокот на пандемијата до сега направени се 44.295 тестови. Позитивни на вирусот биле 6.016 лица, додека активни на болеста се 2.673 при што кај повеќе од илјада состојбата ја следат матичните лекари.

Во двете ковид болници се хоспитализирани 119 лице од нив 26 се во тешка здравствена состојба.

На обвинувањата на опозицијата дека двете болници се преполни со пациенти и оти нема место за нови, министерството соопшти дека двете болници располагаат со 500 кревети, дека сè уште има слободни кревети а оти доколку има потреба ќе биде отворена трета ковид болница со капацитет од 40 болнички кревети, која е целосно подготвена.

Денеска пред Инфективната клиника се собраа поголема група роднини на пациенти незадоволни од, како што рекоа, недобивањето никакви информации за состојбата на нивните најблиски. Се разотидоа по информациите и објаснувањата што им ги дадоа инфектолози од болницата.

InterServer Web Hosting and VPS