Се зголемува бројот на нови случаи на Ковид-19 во Грција

Од ден на ден се зголемува бројот на нови случаи на Ковид-19 во Грција, а денеска Националната организација за јавно здравје соопшти 124 новозаболени, од кои 15 се по направените тестови на влезните точки во државата.

Според грчките медиуми, најголемиот број од новите случаи се во Солун и Атина, по 22 заболени лица, во Еврос има 18 – сите се од одржана свадба, а во Лариса заразени се и шест лекари од две болници.

Денеска беше соопштен уште еден смртен случај со што бројот на починати се зголеми на 210 лица, а од почетокот на епидемијата регистрирани се 4.973 случаи на коронавирусот.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, говорејќи на состанокот преку видеоконференција со надлежните министри и епидемиолози за Ковид-19 рече дека „зголемениот број случаи се должи на опуштеноста во внатрешноста на земјата во однос на мерките во текот на јули“ и им порача на граѓаните да носат маска во затворени простори и надвор доколку има гужва, но и да не им веруваат на теориите на заговор.

-Маската треба веќе да стане наш постојан придружник, како што се нашите клучеви, очилата, нашиот мобилен телефон. Ги избегнуваме масовни собири и забавувањето во места со многу гужва. И секако, ги отфрламе теориите на заговор кои повикуваат на недисциплина во однос на мерките што се препорачани, не од државата, туку од стручните научници, со цел да се заштити јавното здравје на сите, рече Мицотакис.

InterServer Web Hosting and VPS