Директорот на Леванте тврди: Не сакаме да го продадеме Барди, а засега немаме ниту понуда

По сите најави дека Леванте летово ќе мора да продаде дел од фудбалерите за да инкасира добра сума за нови засилувања, спортскиот директор на клубот, Маноло Салвадор, во интервју за италијанските медиуми тврди дека тоа не е точно. Според Салвадор Леванте нема ниту потреба, ниту намера да ги продава своите најдобри фудбалери, меѓу кои и нашиот репрезентативец Енис Барди.

„Ни беше кажано дека, во принцип, нема потреба од никаква продажба на играчи. Тоа е главната работа. Сега, ако се случи некој фудбалер сам да инсистира да замине или да се активира неговата отклупна клаузула, тоа е друга работа и ќе мора да прифатиме. Нема да продаваме играчи под нивната вредност. Мојата идеја е дека никој не би заминал, тоа е она што јас би сакал, а тоа е она што сите го знаат (Кампања, Барди или Аитор)“, вели Салвадор.

На прашањето дали е стигната некоја цврста понуда за дел од ѕвездите на тимот, меѓу нив и за Барди, спортскиот директор на Леванте вели:

„Не, тоа е тоа што го знам и тоа што претседателот му го пренесе. Официјално нема ништо. Постојат многу гласини, многу хипотези, но официјално нема цврста понуда. Знам дека ќе има, но засега не“.

InterServer Web Hosting and VPS