Разговори за ново мнозинство – сите опции се уште во игра

По илинденските празници, партиите најавија дека ќе почнат активни преговори за обезбедување на мнозинство за формирање влада, но досега се уште ситуацијата е status quo, нема никакви нови поместувања за повидок на постизборни коалиции.

Тесната разлика меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ – БЕСА оставаат простор за маратонски преговори, иако дел од аналитичарите велат дека според нивните предвидувања владата ќе биде договорена согласно роковите.

Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ му даде поддршка на Мицкоски да преговара со состав на нова влада со која би раководел токму тој. Изминатите две недели првиот човек на партијата и порача на јавноста и пред се на членовите дека нема намера да се откаже од борбата, дека ќе има чистење во внатрешните редови од луѓе кои не и мислат добро на партијата, и се  извини за грешките кои поранешните функционери на ВМРО ДПМНЕ ги направиле.

Целосно свесен за нивните постапки од минатото, и целосно свесен дека токму овие жестоки по-јаничарени јуришници на власта беа и товар на партијата, сакам јасно и недвосмилено да истакнам дека јас како претседател на ВМРО-ДПМНЕ му се извинувам на народот за сите грешки и неправди кои овие луѓе ги имаат направено. Тие во ВМРО гледаат личен интерес, а јас во ВМРО гледам кауза, вели Мицкоски.

Партијата пред десетина дена го смени и својот статут каде има крупни измени, за кои членството, но и дел од експертската јавност ги оценија како промени за додемократизација на партијата.

Од СДСМ пак засега за можни колиции има само молк. Лидерот на партијата барем официјално се уште одмара, а очигледно истото важи и за другите партиски функционери, кои немаат одржано прес конференција повеќе од 7 дена, односно од 24 јули, кога последен пат во прес салата на партијата се појави Фатмир Битиќи. Од СДСМ само преку соопштение порачаа дека тие сигурно ќе биле дел од новата Влада.

ДУИ пак кои се победници во албанскиот блок, омекнуваат во ставовите за албанец премиер. Вака може да се оценат пораките кои преку косовската телевизија Т7, ги испрати високиот партиски функционер на Интегративците Бујар Османи. Тој вели очекуваат покана од СДСМ за преговори за ново владино мнозинство, но не исклучува можна коалиција и со ВМРО-ДПМНЕ. За само 10-тина сосем се промени и реториката на ДУИ, околу уценувањето за Албанец премиер, таквата порака сега станала симболична.

 Една од паролите на кампањата беше Зошто да не, така што Зошто да не? Сè е можно. Во случајот со премиерот, симболиката е поважна отколку практичниот аспект. На овој начин се кршат табуата на нееднаквост во оваа земја. Мислам дека институциите се ослободуваат, истакна Османи.

Инаку според процедурите кон средината на август  би требало да завршат преговорите за ново парламентарно мнозинство по што по давање мандат од страна на претседателот Пендаровски би почнал да тече рокот од 20 дена за формирање Влада.

InterServer Web Hosting and VPS