Обвинителите и истражителите од СЈО бараат извинување од Пендаровски: СЈО не беше само Катица Јанева!

Поранешните вработените во укинатото Специјално јавно обвинителство бараат извинување од претседателот Стево Пендаровски, бидејќи се препознале и реагираат за дел од говорот на претседателот за Илинден во Пелинце, кој, меѓу другото, кажа и дека граѓаните со право се разочарани од обвинителството кое беше симбол за расчистување со организираниот криминал, а се распадна како последица на тоа што и самото станало дел од организираниот криминал.

-Обвинителството не го сочинуваше само една личност, па оттаму крајно некоректно е сите вработени да се поистоветат со постапките на една личност и притоа нивниот труд да биде девалвиран. Ниту една постапка на вработените во сега веќе укинатото Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите не придонесе за распад на институцијата, туку истата беше укината со политички договор како што беше и создадена, стои во реакцијата.

Тие бараат јавно извинување од Пендаровски.

-Бидејќи никој, а особено не Претседател на држава, не може и не смее да обвинува од говорница, бараме Претседателот јавно да се извини на сите кои беа дел од Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите и да ја повлече ваквата срамна изјава во најкус рок. Воедно го повикуваме и охрабруваме Претседателот доколку има сознанија и докази за ваквите јавно изнесени наводи, истите да ги достави до надлежното јавно обвинителство на натамошно постапување. Ние како поранешни вработени во укинатото јавно обвинителство веруваме во правосудните органи и ги повикуваме да ги истражат ваквите изнесени клевети на наша сметка од страна на г-дин Пендаровски, се вели во реакцијата.

InterServer Web Hosting and VPS