За една недела подигнати 152 непрописно паркирани возила, над 300 се санкционирани

Во текот на изминатата недела (23 до 30 јули) со специјалните возила пајак се отстранети вкупно 152 возила од јавните површини, информираат од Град Скопје.

– Од вкупниот број непрописно паркирани и подигнати возила 20 се отстранети од зонските паркиралишта, а другите 132 возила по налог на сообраќајната полиција по основ на сторени прекршоци: паркирање на коловоз, велосипедска патека, пешачки премин, тротоар, зелена површина, спротивно на сообраќајните знаци, како и по повик од трето лице, соопштија од Град Скопје.

Контролорите на зонските паркиралишта на Град Скопје во истиот период санкционирале вкупно 319 возила, поради нерегулирано паркирање, односно за неплатена паркинг-услуга. Од нив, 20 возила се отстранети со пајак службата, поради пречекорување на дозволеното време на задржување на паркиралиштето.

Градот Скопје и јавното претпријатие „Градски паркинг“ апелираат до граѓаните да го чуваат зеленилото и другите јавни површини, а своите возила да ги паркираат исклучиво на означените паркиралишта.

– Апелираме сите корисници на услугите за паркирање, навреме да го регулираат плаќањето за паркинг-услугата, за да не бидат санкционирани и да не им биде поставен блокатор на тркалото. Плаќањето за паркинг-услугата може да се изврши преку СМС порака или со греб картичка, велат од Град Скопје.

InterServer Web Hosting and VPS