Победнички лузери

Мислевме дека изборите ќе ја расчистат политичката ситуација, а тие всушност само дополнително ја замрсија. Ризикот сите да излеземе големи лузери не е мал. Пишува Петар Арсовски.

Ако ги слушаме партиите, на избориве сите победија. Лидерите влегоа во толкав триумфализам, што никој никому не стигна да му честита на изборниот резултат.  Според нив, сите го добија легитимитетот од граѓаните, сите ќе правеле влада, само уште да одлучеле кои им се најповолни партнери. Сепак, додека партиите слават, се формира едно горчливо чувство, дека, всушност, реалноста е поинаква: имам впечаток дека сите партии изгубија значаен дел од својата позиција, што како цена, ќе го плаќаме сите ние во наредниот период, кој ќе биде нестабилен и полн со предизвици. Поради новата, уште покомплицирана, политичка ситуација, се плашам дека ќе биде многу тешко да одговориме на новите задачи кои стојат пред нас, а шансите нема да се повторуваат.

Влада со ДУИ

Најнапред, мислам дека сите политички партии изгубија значаен дел од својот наратив. За СДСМ, како фаворит за составување влада, и покрај триумфалистичките најави, наредниот период ќе биде полн со непријатни компромиси и предизвици на внатрешен план. Во основа, за нив постојат две опции за составување влада, ако исклучиме коалиција со ВМРО ДПМНЕ: со или без ДУИ. Коалиција со ДУИ, и покрај фактот што можеби нема да има толку висока политичка цена како што изгледаше на почеток – ако се земе предвид трансформацијата на албанскиот орел во колибри од мала Речица- сепак ќе биде влада во која помалиот проблем ќе биде поделбата на ресорите, а поголемиот проблем ќе биде начинот на самото владеење. Во оваа комбинација, ако ДУИ и СДСМ не сменат нешто во својата досегашна матрица, тешко е да се поверува дека ќе испорачаат правда или некакви посуштински реформи. За таквата влада да има надеж да исполни што било, ДУИ ќе мора да се откаже од принципот на недопирливост за своите функционери, а СДСМ ќе мора преку внатрешна реформа и промена на пристапот да се ориентира кон решавање на својот најгорлив проблем со политичкиот наратив: да почнат навистина да го испорачуваат она што ќе го ветат.  Ваквата неопходна трансформација ќе изискува можеби покомплициран преговарачки процес помеѓу СДСМ и ДУИ, во кој ќе мора да влезат и некои подолгорочни комбинации и правила. ДУИ, за да се обврзе на ваква реформа, сигурно ќе бара поширок политички пакет, кој на СДСМ ќе му биде тежок залак, ако се земе предвид дека тие изгледа ја сметаат токму ДУИ за остаток од стариот режим кој во моментов е камен околу вратот на ваквата влада во најава.

Влада без ДУИ

Втората комбинација за СДСМ (влада без ДУИ) е исто така несигурна опција, иако подобро би поминала кај нивното гласачко тело. Прво, таквото мнозинство ќе го врати истото горчливо чувство на трансфер на пратеници за политичка цена, кое доминираше во комбинациите за Преспанскиот договор. Второ, таквиот крпен состав ќе биде дисфункционален, полн со политички компромиси во текот на целото владеење, и ќе биде постојано нестабилен, каде повеќе енергија ќе се троши на одржување на мнозинството одошто на испорака на реформи. Трето, во коалиција со Алијансата за Албанците и Алтернатива, нема никаква гаранција дека повторно нема да се враќаме на етничкиот наратив: досега т.н. „албански” прашања беа во ексклузивен домен на ДУИ, но новите албански партнери најверојатно ќе имаат сопствени идеи за тоа кој е корпусот на етнички прашања и до каде е тој затворен, па не е исклучено во таков пакет да влезат и нови барања на тој план.

InterServer Web Hosting and VPS