Mercedes T-Class ќе биде семејна изведба на новиот Citan

Специјализираниот огранок Mercedes-Benz Vans има најширока палета на модели, од малечкиот Citan до класичарот Sprinter. Како новина во оваа понуда, наскоро пристига T-Class. Станува збор за семејна верзија врз база на следната генерација на Mercedes Citan.

Соработката меѓу Daimler и Renault Nissan Mitsubishi се покажа успешна. Како продолжение на соработката, партнерите подготвуваат нова генерација на Mercedes Citan и Renault Kangoo. Додека товарната и комбинираната верзија на градскиот ван ќе ја задржи ознаката Citan, паралелно со неа ќе се нуди и изведба наменета за приватни корисници, под името T-Class.

До премиерата на моделот останува уште долго време, таа имено е најавена за првото полугодие од 2022 година. Постои веројатност дека партнерот Renault прв ќе ја претстави новата генерација на Kangoo, којашто има подолга традиција во овој сегмент, па затоа и оваа рана најава од Mercedes-Benz Vans.

Уште е рано за конкретни податоци за техниката на возилото, туку само воооштено се најавува дека новиот Mercedes T-Class ќе ги исполнува потребите на семејствата на најдобар начин и ќе одговара и како придружник за активностите во слободно време.

Се јавува и дизајнерот за целиот концерн Горден Вагенер: „Со новиот концепт и дизајн на T-Class ќе постигнеме спој меѓу функционалност и страст. Со нашата единствена дизајнерска филозофија на Сензуална Чистота, со T-Class ќе создадеме атрактивен семеен придружник, што ќе одушевува со дизајнот, со пропорциите и со зрелиот изглед.“

T-Class ќе ги носи обележјата на моделското семејство на Mercedes-Benz
Како комплетно нов модел, T-Class на прв поглед јасно ќе се распознава како Mercedes-Benz, со типичните белези на марката. Генот на Mercedes ќе се покажува најмногу во дизајнот, квалитетот, безбедноста и конективноста.

Буквата T за новата моделска класа на Mercedes е избрана според T-Model, односно според комби изведбата што има долга традиција во Е-Class, а потоа и во C-Class. Покрај изведбите со обични мотори, ќе се нуди и верзија со погон само на струја.

InterServer Web Hosting and VPS