Пандемијата со последици врз работењето на ЈП „Градски паркинг“

На наредната седница на Советот на Град Скопје ќе се разгледува шестмесечниот извештај од работењето на ЈП „Градски паркинг“ за периодот од 01.01.2020 година до 30.06.2020 година, кое бележи значајно намалување на приходите споредено со истиот период минатата година.

Билансот на успех за периодот од 1 јануари до 30 јуни покажува дека приходите на претпријатието се намалиле за речиси 30% во однос на истиот период минатата година. Намалувањето, во голема мера се должи на падот на оперативните приходи – приходи од паркирање и приходи од отстранување на непрописно паркирани возила како последица на здравствената криза предизвикана од вирусот Ковид19.

Во периодот на вонредна состојба паркинзите функционираа со намален обем на работа, што е случај и кај пајак-службата.

ЈП „Градски паркинг“ во целост и навремено врши исплатување на даночните обврски кон државата, платите на вработените и обврските кон добавувачите.

Шестмесечниот извештај од работењето на ЈП „Градски паркинг“ ќе се разгледува на педесет и третата седница на Советот на Град Скопје што е закажана за 28 јули 2020 година, вторник. И оваа седница на Советот ќе се одржи преку конференциска врска.

InterServer Web Hosting and VPS