УШТЕ СУМ СУДИЈА, НЕМАМ РЕШЕНИЕ ОД ВРХОВЕН СУД, СЕ ПОВИКА ВЛАДИМИР ПАНЧЕВСКИ НА СУДИСКИОТ ИМУНИТЕТ И ПОБАРА ДА БИДЕ ПУШТЕН ОД ПРИТВОР

По цела година потрага по разрешениот судија и поранешен претседател на Кривичниот суд Владимир Панчевски, во Велес почна судењето за злоупотребите со АКМИС-от, но се прекина.

Панчевски преку адвокатот реагираше пред судијката Валентина Ѓорѓиевска во Основниот суд Велес дека нема услови да се одржи денешното рочиште, бидејќи се уште нема добиено решение од одлуката на Врховниот суд за неговото разрешување.

„Панчевски се уште е судија, има судиски имунитет и не може да е во притвор без Судскиот совет да му го симне имунитетот“, кажа адвокатот.

Пред да даде пауза судијката Ѓорѓиевска, реагираше обвинителката Цветанка Богоевска, која рече дека Врховниот суд донел одлука по жалбата на обвинетиот Панчевски за разрешувањето од Судскиот совет. Одлуката била донесена на крајот на јуни, но обвинетиот, како што не ги примаше судските покани за ова рочиште, најверојатно не ја видел ни поштата од Врховниот суд.

Сепак, судијката даде пауза за да се консултира во врска со жалбената постапка за разрешувањето на обвинетиот судија и за нејзината правосилност.

Панчевски беше притворен на 15 јули по наредба на оваа судијка, зашто таа не можеше да го натера да ги прими судските покани, т.е. да го донесе на закажаните рочишта. Обвинет е за злоупотреби со електронскиот систем на распределба на судски предмети (АКМИС), за време на неговиот мандат како претседател. Според обвинението, дел од предметите, место да ги пушти во АКМИС-от да бидат распределени по електронски пат по случаен избор, тој ги давал на рака на подобни судии.

Судскиот совет Панчевски од функцијата судија го разреши во декември, лани.

InterServer Web Hosting and VPS