До каде е нашата држава во исполнување на европските стандарди за ефикасно правосудство?

Ива Цоневска

Покрај подобрување на ефикасноста на македонското правосудството во делот на решавање на старите предмети и стапката на решавање на предметите, потребни се дополнителни напори со цел системски да се подобри ефикасноста и да имаме ефикасна и квалитетна правда.

Ефикасноста на правосудството е една од подобластите кои се дел од Поглавјето 23 – Правосудство и темелни права, кое се базира на Членот 2 од Договорот за Европската унија кој повикува на принципите на човечко достоинство, слобода, демократија, еднаквост, владеење на правото и заштита на човековите права. Овие принципи се заеднички за земјите членки на Европската унија (ЕУ) и воедно се обврзувачки и за земјите кандидати за членство.  Важноста на Поглавјето 23 е во тоа што заедно со Поглавјето 24, прво се отвора и последно се затвора во процесот на преговори за членство со Европската Унија. Ваквиот пристап најверојатно ќе продолжи и со новата методологија за проширување, односно преговорите ќе започнат со кластерот за владеење на правото и ќе се затворат со него.

Еден од клучните предизвици во усогласувањето со ЕУ во Поглавјето 23 е што за поголемиот дел од неговата содржина пред се во однос на поставеноста на институциите, не постојат правни акти на ЕУ, ниту пак унифицирани „модели“. Станува збор за демократски стандарди и најдобри практики на државите членки на ЕУ, често формулирани низ „мекото право“ на Советот на Европа, во документите на Обединетите нации и други меѓународни организации, кои спостојано се развиваат и унапредуваат.

Параметри за мерење на ефикасноста – до каде сме?  

Во однос на ефикасноста на правосудните системи на државите, Европската комисија за ефикасност на правдата (CEPEJ), тргнува од  неколку параметри за мерење на ефикасноста. CEPEJ ефикасноста на правосудните системи не ја гледа во потесна смисла, а го потенцира квалитетот и ефективноста на правдата. Во оваа насока, кога зборуваме за ефикасноста на правдата од исклучителна важнос е просечното траење на предметите, заостанувањето на предметите, како и бројот на предмети што се водат подолго време, човечките и материјалните ресурси, буџетот доделен на судството, ИТ – технологиите и  електронските пристап кон судската практика. Листа на индикатори за мерење на ефикасноста се утврдени и во EU Justice Scoreboard.

Анализата на извештаите на Европската комисија од 2016 до 2019 година, укажува на констатацијата дека  судовите покажуваат континуирана ефикасност, стапка на решавање од 100 отсто или повеќе. Во извештаите за 2016 и 2018 година е дадена забелешка само во однос на должината на постапките кои се водат по стари процедурални правила. Од ова произлегува дека македонските судови, наспроти  кадровските и материјалните ограничувања, сепак се ефикасни.

Согласно ланскиот извештај на Европската комисја за нашата држава, речиси сите судови одржуваат стапка на решавање од 100 отсто или повеќе, покажувајќи континуирана ефикасност. Ваквата состојба на ефикасноста на судството за 2018 година е нотирана и во годишниот извештај на Судскиот совет за 2018 година. Сепак, во последниот извештај на Судскиот совет е наведено дека на ниво на целата држава судовите во Република Северна Македонија во целина работеле неажурно во 2019 година, за разлика од 2018 година кога  успеале да го совладаат приливот на новопримени предмети и да го намалат заостатокот на предмети. Во последниот извештај за 2019 година е констатирано дека, во целина, судовите не успеале да го совладаат приливот и го зголемиле заостатокот на предмети.

Меѓутоа, доколку навистина сакаме да имаме ефикасна и квалитетна правда потребно е да се гледаат и другите параметри кои ги следи и CEPEJ.

Кога се зборува за ефикасноста треба да се земат во предвид ограничените, пред се материјални и човечки ресурси со кои располага судството во државата. Според статистичките податоци на Европската комисија за ефикасност на правдата, државата е над европскиот просек по однос на бројот на вработени во судовите кои не се судии. Сепак, години наназад Судскиот совет во своите годишни извештаи констатира дека во судовите недостасуват стручни судски службеници. Согласно последниот извештај во сенка за Поглавје 23, не е направен обид ниту за зголемување на бројот на стручните судски службеници, а не е подобрена ни состојбата со раководните судски службеници кои ги има по еден или ниту еден во најголем дел од судовите. Според податоците од CEPEJ, Република Северна Македонија е над европскиот просек, по бројот на судии на 100.000 жители.

Буџетот за судството по глава на жител, согласно податоците од CEPEJ, е најнизок во споредба со 32 други европски земји. Кај нас, судството добива повеќе од двојно помалку средства (0,3 отсто од БДП) отколку што е предвидено со закон (0,8 отсто од БДП). Судиите сметаат дека судството треба да има свој буџет и свој трезорски систем со тело што ќе одлучува за вработувањата и потребите во судството.

Do kade e nasata drzava vo ispolnuvanje slika 1

Слика 1 – број на професионални судии, обвинители, правници, персонал кој не се судии, персонал кој не се обвинители на 100 000 жители, во Република Северна Македонија; Одобрен буџет (во евра) по жител во Република Северна Македонија.

Според податоците од CEPEJ, нашата држава е под европскиот просек, по бројот на обвинители на 100.000 жители, а над европскиот просек по персонал кои не се обвинители. Сепак во јавните обвинителства недостасуват и јавни обвинители и јавно-обвинителски стручни соработници. Буџетот доделен на јавните обвинителства во нашата држава е исто така под европскиот просек.

Една од препораките утврдени во Итните реформски приоритети  е  обезбедување на објавување на сите судски пресуди во јасни рокови определени со закон (како и  обезбедување  можности за пребарување и олеснет пристап). За таа цел, беше воспоставен судскиот портал – sud.mk  со цел да се подобри пристапот кон судската практика и воопшто да се подобри транспарентноста на судството, но тој  сè уште е тежок за пребарување. Тој има идентична структурата  во однос на информациите што треба да ги објавуваат сите судови во државата, но, сепак согласно последното истражување на „Метаморфозис“ постојат големи разлики во податоците кои ги објавуваат  судовите.

Што планира државата?

Потребата од унапредување на ефикасноста на правосудството е предвидена и во Стратегијата за за реформа на правосудниот сектор 2017 – 2022 година со Акциски план и во Стратешкиот план на Министерството за правда 2020 – 2022 година. Иако планирањето на овие документи е на краток и среден рок, реформите на правосудството се одвиваат и на долг рок. Гледајќи го искуството на другите земји, тие може да траат и со декади.

Со цел зголемување на ефикасноста во судството и имплементација на дел од мерките утврдени во Стратегијата за реформа на правосудниот сектор, од страна на Судскиот совет и претседателите на судовите, во 2019 година беа преземени конкретни мерки за намалување на заостатокот со старите предмети во судството, постари од три, седум и десет години. Овие мерки резултираа со решавање на голем број на стари предмети во сите судови.

Неопходноста од кадровско доекипирање на судовите и обвинителставта е утврдена и во Стратегијата за реформа на правосудниот сектор. Иако во Стратегијата е предвидено најнапред се потребни законски измени на Законот за судска служба и Законот за јавнообвинителска служба, кои според ревидираниот Акциски план требаше да бидат донесени во април 2020 година, сепак овие измени сè уште не се донесени.

Во последниот извештај на Евроспката Комисија е утврдена потребата од подготовка на стратегија за човечки ресурси во судството. Во рамки на министерството за правда беше направена Анализа за оптимизација на судската мрежа, која претставува појдовна точка за идните планирања во во судството. Во тек е подготовка  и на стратегија за човечки ресурси во судството со што за очекување е реално утврдување на потребите од човечки ресурси и утврдување на оптималниот број на судии, кој е над европскиот просек, како претпоставка за подобрување на ефикасноста на судството.

Со цел унапредување на квалитетот на кривичната правда, потребно е и кадровско доекипирање на јавните обвинителства. Во земјата недостасуваат и јавни обвинители и јавно обвинителски соработници. За разлика од Специјалното јавно обвинителство, кое располагаше со кадар, финансиска самостојност и голем сопствен буџет, Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција се соочува со недостиг на кадар и материјални ресурси, поради што е потребно негово унапредување со човечки ресурси и јавно-обвинителски кадар, како и обезбедување на финансиска поддршка од буџетот. Иако Законот за Кривична постапка, на сила од 2014 година, предвидува формирање на истражни центри, првите четири истражни центри беа  формирани во февруари 2019 година, а со работа започнаа од 1 март 2020 година.   Подготвена е и функционална анализа на јавното обвинителство.

Зголемувањето на судскиот буџет, обезбедувањето на финансиска самостојност на судството и слободата да одлучува за трошењата, тековните активности и набавкит е услов за независноста на судството и ќе придонесе до поголема ефиксност. Судската власт за сите набавки и вработувања мора да добие одобрение од Министерството за финансии. Иако во Стратегијата за реформа на правосудниот сектор е предвидено зголемување на судскиот буџет, а со тоа и доследно имплементација на законски предвидениот износ за судскиот буџет (0,8 отсто од БДП), сепак судството во нашата држава во 2019 година и години наназад се финансира 0,3 отсто од БДП. Во Во стратегијата е предвидено судскиот буџет за 2019 година да изнесува од 0,6 од БДП, а за 2021 од 0,8 отсто од БДП. Во исто време, зголемувањето на буџетот на јавното обвинителство неспорно ќе придонесе до ефикасно извршување на надлежностите на јавните обвинителства, а со тоа и подобрување на квалитетот ка кривичната правда.

Во исто време, неспорна е потребата и од подобрување на материјалните и техничките услови за работа во судовите и обвинителствата. Така, со новиот Закон за управни спорови што се применува од мај 2020 година, се предвидуваат поголеми обврски за Управното судство. Односно, пред Управниот суд ќе се водат јавни расправи.Со оглед на  ограничените просторни услови во зградата каде што е сместен управниот суд, потребно е обезбедување на нова зграда. Во таа смисла, почната е постапка за обезбедување на нова зграда во која ќе биде сместен Управниот суд.

Покрај подобрување на ефикасноста на македонското правосудството во делот на решавање на старите предмети и стапката на решавање на предметите, потребни се дополнителни напори со цел системски да се подобри ефикасноста и да имаме ефикасна и квалитетна правда. Земајќи ги во предвид европските параметрите за ефикасност, а со цел да се подобри ефикасноста на македонскиот правосуден систем, потребно е, пред сè кадровското екипирање на судството и обвинителството, подобрување на условите за работа, како и зголемување на судскиот буџет и буџетот на јавното обвинителство. Во делот на пристап и достапност на судска пракса, потребно е подобрување на функционалноста на судскиот портал sud.mk. Центарот за информатичка технологија при Врховниот суд на РСМ треба да вложи дополнителни напори со цел да се подобри ажурното и уедначено објавување на информациите од страна на сите судови.

*М-р Ива Цоневска работи како проектна менаџерка и истражувачка во Институтот за европска политика, во програмата за демократија и владеење на правото. Во 2013 година, Ива дипломирала на правните студии на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј “ (Македонија), а две години подоцна магистрирала на насоката меѓународно право на истиот факултет. Во 2017 година, таа го положила правосудниот испит (Македонија). Таа е авторка на неколку публикации поврзани со Поглавјето 23, пристапување во ЕУ и правосудство.

**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.

InterServer Web Hosting and VPS