Мировната визија на Вили Брант – парадигма за македонската визија

Двата договора, и оној со Грција и оној со Бугарија, ние, Македонците, доколку имаме визионерска дарба, би требало да ги гледаме низ синтагмата на Вили Брант – „пресврт низ приближување“.

Да се има визија значи да се гледа подалеку од своето време. Миротворците „гледаат“ во иднината. Тоа ги одбива тие што тагуваат по минатото. И конформистите не ги сакаат миротворците. Оти им го нарушуваат нивниот мир во едно вечно „статус кво“. Во такви состојби промените ги носат личностите со несекојдневна биографија и храброст. Пример за тоа е Вили Брант, најхаризматичкиот политичар во повоена Германија. Сметам дека македонските политичари можат многу да научат од неговата мировна визија.
Сите ја виделе фотографијата на која тој клечи пред споменикот во еврејското гето во Варшава 1970-та. Тој лично немал причина за тоа. А го сторил како голем политичар и човек со морален интегритет. Не бил следбеник на Хитлер, како милиони Германци. Напротив, бил гонет од Хитлеровата власт. Не бил војник во германскиот Вермахт, како многу од германските политичари и во седумдесеттите. Не бил нем сведок на депортацијата на Евреите. И, сепак, чувствувал вина за тоа што го сториле, во негово отсуство, неговите сонародници.
Величината на политичарот се мери со неговиот морален интегритет и чувството дека е одговорен за целото општество, а не само за својата партија и за своите лични интереси.
Уште во гимназијата во Либек Вили Брант бил политички активен. Пишувал за политички теми во младинските весници. Еден наставник и‘ советувал на мајка му „да го држи“ синот далеку од политиката, оти тој имал дарба да учи, ама „политиката ќе го руинирала“. Советот бил попусто. На седумнаесет години, 1930-та, станал член на германските социјалдемократи. По една година ги напуштил. Оти немале храброст за длабоки општествени промени. Стапил во Социјалистичката работничка партија и како нејзин претставник емигрирал 1933-та во Норвешка. Во Осло 1934-та почнал студии по историја, кои не ги завршил заради интензивната новинарска дејност. Во меѓувреме, Хитлеровата власт му го одзела германското државјанство. Две години бил апатрид во егзил. Потоа добива норвешко државјанство. Се вратил во Германија 1945-та. Како дописник за скандинавски весници известува од судењата во Нирнберг. Станува аташе во норвешката воена мисија во Берлин. Оваа биографија сведочи дека големите политичари се храбри и еманципаторски.
Дури 1948-та Брант добил германско државјанство. Во Норвешка делувал под „партизанското име“ Вили Брант. 1949-тата го избира за свое граѓанско германско име. Почнал истата година со политичка кариера како социјалдемократски берлински пратеник во германскиот Бундестаг. Останува на таа фунција до 1961-та. Во 1957-та е избран за градоначалник на Берлин и останува на таа функција до 1963-тата. Иако сето време социјалдемократите постигнувале во Берлин апсолутно мнозинство, тој формирал постојано влада со ЦДУ и ФДП. Големите политичари, очигледно, согледуваат во клучни мигови дека некогаш од партиската логика е поважна заедничата цел: на пример, изградбата на стабилна држава и демократски систем. Тие се загрозени кога постојат непомирливи расцепи меѓу партиите. Тоа Вили Брант го согледал при пропаста на Вајмарската република. Тоа го сознаваат денес и македонските граѓани.

Кога во 1956-тата дојде до крвавото задушување на „Унгарското востание“, за разлика од многу колебливи политичари, Вили Брант јасно го осудува бруталниот гест и ја предводи масата од демонстрантите, кои маршираат кон советската амбасада во „Источниот сектор”. Му успева, пред да дојде до ескалација, да го пресврти маршот во мирен правец. Одеднаш сета германска јавност сознава дека тој има потенцијал на владетел. Кога ГДР почнува со изградбата на „Берлинскиот ѕид”, Вили Бранд повторно е политичарот кој ги ноаѓа вистинските зборови да го изрази шокот на западногерманските граѓани. Притоа е разочаран од воздржаната реакција на својот политички идол, претседателот Џ.Ф.Кенеди. Восхитот се намалува кога Брант дознава дека Кенеди во еден неофицијален разговор го нарекол „копилето од Берлин“. Сепак, најсрдечно го поздравува, „како претседател и како човек“ во Берлин, кога Кенеди ја изговара прочуената реченица: „Ich bin ein Berliner!“. Кенеди сфаќа дека храброста на Брант е визионерска. Патем, стигмата на потеклото долго го следела Брант и многу од противниците го оцрнуваат заради тоа. Мајка му, Марта Фрам, го родила вонбрачно синот Херберт во Либек 1913-та. Кога баба му по мајка, која својата ќерка Марта ја родила исто вонбрачно, се омажила за Лудвиг Фрам, тој ја посвоил и нејзината возрасна ќерка сосе шестгодишниот Херберт. Оттогаш тој живеел со баба си и деда си. Презимето Фрам е презимето на дедо му.

Кога тој како канцелар во социјалдемократската влада 1970-тата ги потпишува прочуените „Ostverträge“, договорите за пријателство и соработка со Источниот блок, во германската јавност се крева лавина од гнев и омраза против неговата личност. Во тој миг, голема поддршка му укажуваат многу германски интелектуалци. Во прва линија, Гинтер Грас, кој формира „Изборно здружение на писателите” (Wahlkontor deutscher Schriftsteller), кое го подржува Брант во предизборната кампања на предвремените избори 1972-та. Ни претходно, ни подоцна немало таков герамански политичар, со кој биле блиски толку познати писатели, уметници, режисери и интелектуалци. Тогаш се говори дури за симбиоза на „духот и власта“ во Германија. Фокусот на таа симбиоза е политиката на Брант. Многу критички писатели и интелектуалци се залагаат за соочување и надминување на минатото од Хитлерова Германија. Тие бараат начини за помирување со соседите. Вили Брант станува иконата на тој пресврт кон една поинаква Германија, мирољубива и отворена кон соседите.
Тие дговори денес се историски документ дека мирољубивата политика беше можна и во услови на „Студената војна“. Колку што тие денес се сметаат за пресвртот во историјата на Европа по Втората светска војна. Колку што тие го отворија патот и за германското обединување. Тие тогаш уште посилно наидоа на гнев и омраза кај политичките противници. Од потпишувањето 1970-та до ратифицирањето во Бундестагот 1972-та, „Договорите со Истокот“ беа причина за жестока критика на социјалдемократите. Кога Брант 1971-та ја доби Нобелова награда за мир, многу од противниците станаа преку ноќ пламени поддржувачи на „отворањето кон Истокот“.
Така е секогаш кога политиката се одлучува иднината да ја обликува со тоа што Вили Брант го нарече „пресврт низ приближување“ (Wandel durch Annäherung). Патем, во македонски контекст тоа е и вербата на потписниците на Преспанскиот договор. Затоа не зачудува идентичноста на реториката на противниците на „Договорите со Истокот“ на Германија во 1970-тата и на Преспанскиот договор. Македонските противници во јуни 2018-тата веднаш говореа за „патриоти“ и за „предавници на народот“. И во Германија 1970-тата Вили Брант и социјалдемократската влада беа напаѓани од германските „патриоти” како „предавници на народот“ ( „Volksverräter“). И тогаш многу од Германците и денес многу од Македонците, ги стигматизираат подржувачите на процесот кој започнува со такви договори како „предавство на државните и националните интереси“. И тогаш на Вили Брант му префрлале дека „ги продал националните интереси“. Затоа што потпишал „предавнички“ договор, со кој ја обезличил Германија. Имено, противниците на Брант сметале дека со клаузулата за неменување на постоечките граници во „Договорите со Истокот“, тој засекогаш ја затворил вратата „да се вратат“ во Германија изгубените територии. Истиот аргумент го ползуваа и македонските „патриоти“, кога велеа дека била „продадена“ или „изневерена“ Егејска Македонија. Притоа, јасно е дека и германските Договори со Советскиот сојуз, Полска и ДДР, но и македонскиот договор со Грција бараа од граѓаните во двете држави болни и тешки отстапки. Германските граѓани се откажаа од надежта дека еден ден ќе се обединат сите територии на кои некогаш живееле или уште живеат Германци. Тоа значело не само емотивна загуба, туку и фактичка, стопанска загуба за многу протерани Германци од Источна Европа. Некој може ќе рече, Германците го заслужија тоа заради Хитлер. Сепак, во војните најчесто страдаат обичните луѓе. Вили Брант знаеше дека Германија има шанса, во обединета и мирољубива Европа, да се обедини само со своите браќа во ДДР. Се‘ друго беше илузија. Затоа при потпишувањето на Договорите со Советскиот сојуз, тој на властите во Москва им предаде писмо, во кое стоеше дека владата на СРГ не се откажува од надежта за идно германско обединување. Не со насилно менување на границите. Туку со правото на смоопределување во европската заедница на државите. Тој сон се оствари дури по дваесет години.
Во сличен контекст, Преспанскиот договор ја отвори вратата за пристапните преговори со ЕУ. Двата договора, и оној со Грција и оној со Бугарија, ние, Македонците, доколку имаме визионерска дарба, би требало да ги гледаме низ синтагмата на Вили Брант – „пресврт низ приближување“. Во досегашната историја границите се менуваа со војни. Новата европска политика на мирот ги надминува границите во политички сојузи. Македонците можат да воспостават слободна комуникација со граѓаните на Грција и Бугарија, кои самите се препознаваат во нашиот модерен македонски национален идентитет, само во обединета Европа.

Кица Колбе

Извор: Дојче веле

InterServer Web Hosting and VPS