ОЈО: Привремената Комисија за следење на евентуални нерегуларности во континуитет ги следи случувањата поврзани со изборниот процес

Привремената Комисија за следење на евентуални нерегуларности поврзани со извршување на кривични дела од Глава шеснаесет – Кривични дела против изборите и гласањето од Кривичниот законик и други кривични дела кои би биле сторени при организирањето и спроведувањето на предвремените парламентарни избори, ја известува јавноста дека во континуитет ги следи случувањата поврзани со изборниот процес.

Итно и со приоритет се постапува по индиции за извршени кривични дела поврзани со изборите, при што известувањата веднаш се проследуваат до соодветните основни јавни обвинителства. Комисијата даде задолженија до обвинителствата за итно постапување, односно за формирање предмети и преземање на сите дејствија за утврдување на релевантни факти од кои зависи правилната примена на Кривичниот законик.

Јавното обвинителство преку формираната Комисија ја известува јавноста дека јавните обвинители во континуитет работат на терен. Целосно се посветени на борбата против кривичните дела поврзани со изборниот процес и гласањето, преку придонес кон нивно сузбивање и превенирање. Комисијата продолжува перманентно да го следи процесот на гласање, за што воспоставени се и дополнителни дежурства во јавните обвинителства за деновите кога се врши гласањето.

Воедно, Јавното обвинителство на Република Северна Македонија ја повикува јавноста, граѓанските организации, други организации, политички партии, домашни и меѓународни институции, сите кои сметаат дека во некоја постапка има индиции за сторено кривично дело поврзано со изборниот процес, да достават поднесок / пријава до Комисијата за следење на изборни нерегуларности на електронската адреса izbori@jorm.mk или до надлежните основни јавни обвинителства.

InterServer Web Hosting and VPS