Зошто е важно да се гласа на 15 јули?

Предвремените парламентарни избори на 15 јули се случуваат во сосема нови, вонредни околности, среде пандемија на коронавирусот. Но тоа не го намалува значењето на гласањето, напротив уште повеќе го нагласува фактот дека со гласањето секој граѓанин придонесува за градење на својата иднина и за иднината на земјата.

Токму во вакви неизвесни и непредвидливи здравствени и економски околности со кои сега се соочува светот, од исклучително значење е државата да има функционални инситуции, пред се парламент со стабилно мнозинство.

Токму тука е клучната улога на граѓаните, бидејќи гласањето не е само фрлање на гласачкото ливче во избирачката кутија, туку уставно гарантирано право, со кое гласачот учествува во градење на општеството, во донесување одлука за перспективите на државата, влијание врз политиките.

Правото на глас е универзално, слободно, еднакво, тајно и непосредно, а со него граѓаните на избори владеат со земјата, со својот глас ја гарантираат легитимноста на избраните претставници и имаат право од нив да бараат одговорност.

Некои велат дека политика не ги интересира, но токму тие не треба да го пропуштат гласањето како можност да влијаат на одлуки, кои се важни за секојдневниот живот, економијата, екологијата, чистиот воздух, висината на сообраќајните казни, цените на лекови и илјадници други прашања, кои не се политички, а на кои имаат прилика да влијаат на демократски избори.

Демократија е облик на управување, каде што државната власт произлегува од луѓето и претставува една од најголемите цивилизациски придобивки, кога поединецот има прилика на избори да влијае врз насоките во кои ќе се движи државата.

Основата на секое демократско општество ја сочинуваат повеќе критериуми и тоа: еднаквост, учество, мнозинско владеење и малцински права, владеење на правото, заложба за човекови права, политички плурализам, слободни и фер избори, поделба на власта.

Поделбата на власта, е основно начело на современите демократии. Според ова начело, државната власт е поделена меѓу законодавни, извршни и судски органи коишто функционираат независно, но коишто имаат одговорност едни кон други и кон народот.

Во парламентарна демократија, каква што е нашата, собранието има централна улога, со извршната власт раководи премиер или претседател на влада, којашто зависи од довербата на парламентот.

Токму поради клучната и централна улога на собранието, големо е значењето на парламентарните избори.

На десетите парламентарни избори 1.814.263 граѓани запишани во избирачкиот список, избираат 120 пратеници.

Гласањето на овие парламентарни избори поради актуелната пандемија првпат ќе се одвива три дена. Во понеделник на 13 јули гласаат болните од коронавирус и лицата во самоизолација. Во вторник, на 14 јули гласаат болните, немоќните, хронично болните, лицата во затворите, во старските домови и во домашен притвор.

InterServer Web Hosting and VPS