Грчкиот Парламент го усвои законот за собири, инциденти пред законодавниот дом

Со 187 гласа „за“, од Нова демократија и Движење на промена и Грчко решение и 101 глас „против“, грчкиот Парламент доцна вечерва го изгласа новиот закон за собири, штрајкови и демонстрации.

На гласањето му претходеше жестока дебата во Парламентот меѓу Владата и опозициската СИРИЗА, но и инциденти со молотови коктели и солзавец пред законодавниот дом, јави дописничката на МИА од Атина.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис изјави дека новиот закон ја гарантира и заштитува слободата на јавно изразување, а лидерот на СИРИЗА истакна дека Владата се плаши од општествените реакции и се обидува да врати декрети од 1971 година, односно од периодот на Хунтата во Грција.

Додека пратениците расправаа за законот, дел од демонстрантите на протестите организирани токму против овој акт, се судрија со полицијата.

Група маскирани млади лица ја нападнаа полицијата со молотови коктели и разни тврди предмети. Полицијата одговори со шок бомби и солзавец.

Предизвикана е материјална штета на дел од влезовите на хотели во близина на Парламентот, а испишани се и слогани на ѕидовита од хотелите.

Инцидентите продолжија и низ околните улици, но и покрај големото количество на солзавец, дел од демонстрантите сепак останаа пред Парламентот.

Попладнево на неколку различни локации во центарот на Атина беа организирани повеќе собири од Синдикатот на Комунистичката партија, левичарски и вонпарламентарни организации и партии, левичарско ориентирани студентски движења, членови на СИРИЗА, меѓу кои и поранешни министри и сегашни пратеници. Крајната дестинација на сите собири беше грчкиот Парламент каде избија инцидентите.

InterServer Web Hosting and VPS