Промоција на четири изданија за македонскиот јазик

Промоција на четири капитални изданија за македонскиот јазик ќе се одржи денеска на платото пред Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).

– На иницијатива на Македонската академија на науките и уметностите и со целосна поддршка и вклученост на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и Советот за македонски јазик, деновиве од печат излегоа делата: „Македонскиот јазик – континуитет во простор и време“, колективна монографија во којашто што е даден синтетски преглед на историскиот развој на македонскиот јазик од IX век па сè до неговата кодификација; „Погледи за македонскиот јазик“, меѓународен зборник на трудови во којшто над 40 странски и македонски лингвисти имаат свои прилози за различни аспекти на македонскиот јазик; „Македонска хрестоматија“, избор на позначајни македонски текстови од IX до XX век; и „Лингвистички атлас на македонските дијалекти (според материјалите на ОЛА)“ кој дава продлабочен увид во лексичкото богатство на македонските дијалекти, се вели во соопштението од МАНУ.

Сите овие дела се поставени и во дигитална форма на главната страница на МАНУ.

Воведно обраќање ќе има претседателот на МАНУ Љупчо Коцарев, а книгите ќе ги промовираат Катица Ќулавкова, Снежана Велковска, Димитар Пандев и Марјан Марковиќ.

– Со излегувањето на овие значајни изданија за македонскиот јазик, а и со заедничката промоција, македонската лингвистичка средина се обединува за да даде вистински аргументирани и научни одговори за континуитетот и еволуцијата на македонскиот јазик, а и за неговото место во меѓународната славистика и лингвистика, наведуваат од МАНУ.

InterServer Web Hosting and VPS