Рекорден број на милијардери во светот: Кои се, што работат и каде живеат…

Бројот на милијардери на глобално ниво се зголеми за 8,5 проценти минатата година, достигнувајќи рекордна бројка од 2.825, а нивното комбинирано богатство се зголеми за 10,3 проценти на 9,4 билиони долари, пишува Бизнис Инфо.

Минатата година, во Азија се појавија повеќе нови милијардери отколку во кој било друг регион во светот, според документот „Попис на милијардери 2020 година“ на организацијата Wealth-X.

Богатите во Азија се опоравија од промените на пазарот во 2018 година и забележаа позитивен ефект, како по бројот на милијардери, така и во вкупното богатство во 2019 година.

Вкупното население на милијардери во Азија порасна за 12 проценти во текот на годината и достигна 758 лица, споредено со 677. Нивното кумулативно богатство се зголеми за 11 проценти на 2,4 билиони долари.

Севкупно, Азија ја потврди својата позиција како регион со третиот најголем број милијардери во светот – со 26,8 проценти. Глобален лидер е сè уште Европа, која има 847 милијардери (30 проценти), а потоа следува Северна Америка, каде живеат 834 милијардери (29,5 проценти). Северна Америка има најголем фонд за вкупно богатство од 3,5 билиони долари.

Податоците од извештајот објавен денеска беа собрани пред почетокот на пандемијата.

Кога станува збор за Азија, повеќето милијардери се во Кина – 342, што е за 20 проценти повеќе од претходната година. Гледано по земја, Кина е земја со втор најголем број милијардери по САД, кои ја задржаа водечката позиција.

Повеќето милијардери се мажи (88 проценти), а нивната просечна возраст е 66 години. Помалку од 10 проценти од нив се стари под 50 години. Повеќе од половина (58 проценти) се self-made милијардери, односно оние кои самите стекнале богатство (не го наследиле).

Голем дел од богатството се создава преку банкарскиот систем и финансиите, индустријата и недвижностите, но и технолошкиот сектор.

InterServer Web Hosting and VPS